Kübra Chohan
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на турската Влада, Бекир Боздаг, изјави дека турските сили во досегашниот тек на операцијата „Маслинова гранка“ ослободиле речиси половина од подрачјето на Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
„До денес, во операцијата „Маслинова гранка“ се ослободени 142 места, вклучително и 112 села и 30 стратешки важни точки. Досега во операцијата се неутрализирани вкупно 2.795 терористи“, изјави денес Боздаг по седницата на Советот на министри на Република Турција.
Истакнувајќи дека Турција одлучно се бори против сите терористички организации во регионот, Боздаг потсети дека терористичката организација ДЕАШ во Турција извршила 20 терористички напади во кои загинале 310, а се повредени 967 лица.
„Во периодот од 2011 до 2018 година во Турција се уапсени вкупно 4.043 терористи на ДЕАШ, од кои 1.858 се странски државјани коишто заминуваа на боиштата“, рече Боздаг.
Турскиот вицепремиер Боздаг го коментираше и неодамнешниот инцидент во кој двајца грчки војници се уапсени во Турција, откако на илегален начин влегле на турска територија.
Тој ги негираше наводите на одредени кругови за наводен обид да се изврши размена на затвореници меѓу двете земји.
„Во овој контекст, грчката Влада не побара никаква размена, ниту пак, тоа го предложи турската страна. Такво нешто едноставно не постои“, рече Боздаг.
Турција денес од Германија побара да го уапси и да го екстрадира Салих Муслум, поранешниот лидер на терористичката организација ПЈД/ПКК, кој важи за најбаран терорист во Турција, којшто изминатиот викенд присуствуваше и се обрати на митингот на поддржувачите на терористичката група ЈПГ/ПКК во Берлин.
Боздаг истакна дека е очигледно оти терористичките организации без проблеми ги спроведуваат своите активности во Германија.
„ПКК, ПЈД, ЈПГ, ФЕТО, ДХКП-Џ и други терористички организации кои спроведуваат терористичка кампања против Турција, со голема леснотија делуваат во Германија. Тие собираат пари, одржуваат состаноци, собири и регрутираат терористи. Спроведуваат секакви активности насочени против Турција. Тоа за Турција е неприфатливо“, рече Боздаг.