Selen Temizer,Aliia Raimbekova
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
АСТАНА (АА) - Со состанокот меѓу делегацијата на Русија и режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во Астана започна 11. круг мировни преговори за Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегациите од Москва и Дамаск утринава одржаа консултативен состанок во главниот град на Казахстан, а во текот на денот и утре на состаноците ќе им се придружи и делегацијата на Турција, Иран и сирската опозиција.
Шефот на руската делегација и специјален пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за Сирија, Александр Лаврантиев, утринава изјави дека на дневниот ред на преговорите ќе бидат прашањата за уставотворната комисија, ситуацијата во Идлиб, проблемите со бегалците и борбата против тероризмот.
Паралелно со тоа, делегациите за време на дводневниот круг преговори ќе го одржат и новиот состанок на работната група за организирање размена на заробениците во Сирија. Таа група минатата недела реализираше размена на по десет заробеници.
Во Астана пристигна и специјалниот пратеник во заминување на ОН за Сирија, Стефан де Мистура. Тој во кратко обраќање на новинарите пред хотелот „Ritz Carlton“ изрази надеж дека ќе биде остварен конкретен напредок во формирањето на комисијата која ќе го напише нацрт новиот устав на Сирија.
Извори блиски на сириската опозиција соопштија дека шефот на делегацијата на таа страна, Ахмед Тума, ќе инсистира да се преговара и за апсењата и креирање адекватни услови за враќање на бегалците и обнова на Сирија.
Во Астана наскоро консултативен состанок ќе одржи и делегацијата на Турција и опозициските сили од Сирија, како и делегацијата на Турција, Русија и Иран.
Главните преговори ќе бидат одржани утре, кога на преговарачката маса ќе седнат сите делегаци.
Турската и иранската делегација ја предводат замениците на министрите за надворешни работи на тие земји, Сеџат Онал и Хусеин Енсари.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, мировните преговори за Сирија во Астана започнаа во јануари минатата година. Делегациите во девет наврати се состануваа во Астана, а последниот круг преговори е одржан во руски Сочи.
Целта на мировниот процес е воспоставување примирје и решавање на длабоката криза во Сирија, која веќе седма година е средиште на граѓанската војна.
Целиот процес се води под надзор на ОН, а веќе се направени позитивни исчекори кон решавање на политичката криза во Сирија.
Дефинирани се посебни зони на деескалација за кои е договорен прекин на судирите. Посебните комисии работат на подготовка на размената на заробениците, а на последниот состанок во Сочи е започнат и процес на формирање на комисијата за изработка на новиот устав на Сирија.