Sertaç Bulur
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили (ТВС), од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ досега неутрализираа 2.777 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската Армија соопшти дека во рамките на операцијата, во тек се копнени и воздушни акции насочени кон неутрализација на терористичките организации ЈПГ-ПЈД/ПКК/КЏК и ДЕАШ.
Од почетокот на операцијата досега неутрализирани се 2.777 терористи.
- Турските сили и Слободната војска на Сирија ослободија 2 нови села -
Репортерите на АА од теренот информираат дека од терористите се ослободени селата Белушанк и Алиџи, сместени во регионот на Шаран, северозападно од центарот на Африн.
Од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ која започна на 20 јануари досега од терористите се ослободени 136 стратешки точки, од кои три центри на градови, 110 села, 22 стратешки планини и ридови и една база користена од терористите на ЈПГ/ПКК.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.