Admir Fazlagic
10 Јули 2016•Ажурирај: 11 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Стотина граѓани денес на пладне се собраа пред Муртат пашината џамија во Старата скопска чаршија од каде го започнаа Маршот на мирот за Сребреница, со цел да се присетат на невино страданите жртви на Сребреничкиот геноцид кој се случи пред 21 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Поворката која ја предводеа младите луѓе од Старата чаршија тргна кон центарот на градот каде пред Камениот мост, претставниците на Бошњачката културна заедница (БКЗ) дадоа изјави за медиумите.
Претседателот на Бошњачката културна заедница во Република Македонија Џемил Бектовиќ рече дека мотивот за оранизирање на Маршот на мирот за Сребреница е на симболичен начин да се одбележи 21-годишнина од страшниот масакар, кој, како што рече е вториот холокауст на територијата на Европа.
„Во таа смисла ние се собравме денес, преку овој Марш на мирот да направиме помирување на народите, во смисла на правилна валоризација на историските настани и со цел народот да не го заборави она што му се случи, затоа што обично народот кој заборава она што му се случило, тоа му се повторува", рече Бектовиќ.
Потпретседателот на Бошњачката културна заедница во Македонија, Џевад Хот, истакна дека геноцидот во Сребреница не смее да се заборави, а денешниот марш потсетува на страдањата на Бошњаците во Босна и Херцеговина пред 21 година, чија болка и тага сеуште ја чувствуваат и Бошњаците во Македонија.
„Бошњачката културна заедница го одржува ова со цел да ја подигне националната свест на Бошњаците но и на сите останати националности кои живеат во Макеоднија, да ги потсетиме на настаните кои се случија 1995 година на територијата на Босна и Херцеговина. Бошњаците од Република Македонија од овие настани се далеку телесно, но можеме да речеме дека со срцето се многу блиску ги чувствуваме, не боли и не сакаме да им се повтори тоа на Бошњаците без оглед каде тие се наоѓаат", истакна Хот, кој додаде дека Бошњаците од Македонија организирано го одбележуваат геноцидот во Сребреница четврти пат по ред.
Претставниците на Бошњачката културна заедница потсетија дека македонското Собрание во 2010 година ја донесе Декларацијата за поддршка на Резолуцијата за Сребреница на Европскиот парламент и побараа од релевантните институции геноцидот во Сребреница во Македонија да се одбележи на соодветен начин.