Husameddin Gina
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
СКОПЈЕ (AA) – Предвремените парламентарни избори ќе го одземат фокусот и потребната енергија за реформи, порача Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, на денешната прес-конференција во ЕУ Инфо центарот, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој, исто така нагласи дека позитивниот моментум што е создаден по потпишувањето на Преспанскиот договор треба се одржи и сочува, и дека фокусот треба да се насочи на реформите во пресрет на јуни кога Советот на ЕУ ќе одлучува за отворање на пристапните преговори.
„Значи, следниот јуни, Европскиот совет повторно ќе го разгледа ова прашање. Фокусот, се разбира, треба да биде на испорачување резултати и токму тука треба да бидат насочени самите напори. Од таа причина веруваме дека предвремените избори ќе го одземат тој фокус и нема да можат да ја дадат потребната енергија, со цел да се адресираат останатите отворени прашања“, нагласи Кристијан Даниелсон.
Според него, отворените прашања се реформите во судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните служби и функционирањето на јавната администрација.
Даниелсон, исто така нагласи дека не станува збор само за законодавството, туку дека треба да се видат и промените во имплементацијата и спроведувањето на законите.
Тој рече дека за време на дводневниот престој во Скопје, овие пораки им ги пренел на неговите соговорници и од собраниското мнозинство, но и на опозицијата.
Даниелсон на денешната прес-конференција потсети дека треба да има нулта толеранција кон корупцијата и дека секое назначување во јавната администрација треба да биде засновано врз база на заслуги.