Ivana Ramadanova
10 Мај 2018•Ажурирај: 11 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за јавни политики денеска одржа панел дебата на тема „Предизвиците на Република Македонија пред Самитот на НАТО во 2018 година“, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот координатор за членство во НАТО, Стево Пендаровски, во своето обраќање истакна дека ниту една друга земја ги немала истите проблеми и предизвици со кои се соочува Македонија, вклучително и членките и аспирантите од Балканот.
„Нашите предизвици пред самитите во принцип секогаш биле поврзани со проблемите во развојот на демократијата и меѓуетничките односи. Исклучок е самитот во Букурешт, кога ги исполнивме сите предуслови освен името, а проблемот со името сам по себе не е индикатор дека немаме демократија“, истакна Пендаровски.

Тој потенцираше дека ако не добиеме покана за влез во следниот период, предизвик за Македонија наспроти нечии предвидувања, нема да биде да го сочуваме територијалниот интегритет и суверенитет на целата територија, бидејќи такви закани нема, туку ќе биде, како што кажа, развојот на демократските институции, натамошниот економски развој особено од аспект на странските инвестиции.
„Нашиот најголем предизвик од независноста до денес, со неколку насилни пикови и константно низок профил во меѓувреме е состојбата во меѓуетничките односи, со други зборови, најголемиот предизвик за нас бил и ќе остане, со или без влез во НАТО, внатрешната кохезија на општеството. Членството во НАТО сигурно нема трајно да го реши тој проблем, меѓутоа поради мнозинскиот став на граѓаните од сите етнички заедници неспорно ќе ја засили внатрешната кохезија и ќе ја направи поотпорна меѓуетничката оска врз која во најголем дел почива стабилноста на Македонија“, рече Пендаровски.

Kапетан Горазд Бартол, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, пред присутните истакна дека вратите на Алијансата се отворени, бидејќи, како што рече, Скопје избра да биде членка на НАТО и реформите кои се пред Македонија се долги и полни со предизвици.
Тој потенцираше дека напредокот на Република Македонија е одличен, но дека има уште работа, нагласувајќи дека главен предуслов е постигнување на договор за името.
Панел дискусијата на тема „Предизвиците на Република Македонија пред самитот на НАТО во 2018 година“ е поддржана од НАТО дивизијата за јавна дипломатија, а на неа беше презентирана и веб платформата www.nato.mk.