Bekim Laci
10 Мај 2018•Ажурирај: 11 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Р. Македонија, Зоран Заев, денеска го прими заменик-министерот за надворешни работи на Германија одговорен за Европа, Михаел Рот, кој на заедничката прес-конференција по состанокот, повика прашањето за името меѓу Македонија и Грција да се реши оваа година, бидејќи во спротивно се ризикува да стане „статус кво“ што ќе трае со години, јавува Anadolu Agency (АА).
Германскиот заменик-министер за новинарите изјави дека двете страни имаат добра волја да го решат проблемот за името, наоѓајќи заеднички компромис. Според него, улогата на посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц, е важна, но владите на двете земји мора да го водат процесот.
„Владата на Република Македонија е позитивна и креативна, исто како и Владата во Атина, така што можам да кажам дека гледам светло на крајот од долгиот тунел“, изјави Рот.
„Мислам дека двете страни имаат добра волја и можат да се договорат за одржлив компромис. Во оваа насока се најновите изјави што ја потврдуваат подготвеноста на страните за тешки компромиси. Германија им дава целосна поддршка на напорите за решение во блиска иднина“, рече тој.
Рот, исто така, се фокусираше на прашањето за Специјалното јавно обвинителство, за чија работа рече дека треба да продолжи со истрагите од прислушуваните материјали.
„Како што сум информиран, продолжувањето на мандатот на СЈО, за што се потребни две третини во Парламентот, ќе биде тешко можно бидејќи опозицијата се спротивставува, така што потребно е СЈО да се инкорпорира во редовните структури на обвинителството“, рече Рот.
Македонскиот премиер Заев, од друга страна, истакна дека земјата направи голем позитивен чекор и дека сега од заробена држава стана функционална демократија.
„Нашата амбиција е покана за влез во НАТО и започнување на претпристапни преговори со ЕУ во 2018 година. Поттикнати од стратегијата за проширување на ЕУ и охрабрени од политиката на отворени врати на НАТО, Република Македонија останува лојален и сигурен партнер на двете организации. Евроатлантската иднина за нас значи поттик за економски раст, стимулација за инвестиции, работни места, поголема трговија, пристап до единствениот пазар на ЕУ, зголемена мобилност на луѓе и на капитал“.
За време на престојот во Скопје, германскиот заменик-министер за надворешни работие Рот ќе се сретне со парламентарната опозиција, градоначалникот на Град Скопје, како и со претставници на граѓанското општество.