Ekipa
19 Мај 2016•Ажурирај: 19 Мај 2016
КАИРО (АА)- Ихаба Раслан, гласноговорникот на египетската Управа за цивилна авијација изјави дека авионот на EgyptAir кој исчезна на летот од Париз кон Каиро со 66 патници, најверојатно паднал во морето, пренесува Anadolu Agency (AA).
Француската влада соопшти дека претседателот, Франсоа Оланд, телефонски разговарал со египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси при што се договориле дека ќе имаат блиска соработка во однос на причините за исчезнување на леталото.
EgyptAir потврди дека авионот со 66 лица исчезнал по влегувањето во египетскиот воздушен простор.
Според најновите информации од компанијата, во авионот се наоѓале 30 државјани на Египет, 15 Французи, двајца Ирачани, по еден Алжирец, Британец, Белгијец, Канаѓанин, државјанин на Чад, Кувајќанец, Португалец, еден државјанин на Саудиска Арабија и еден Суданец. Според тврдењата на египетската авиокомпанија, во авионот се наоѓале и две бебиња.
Министерството за надворешни работи на Франција не беше достапно за коментар во врска со тоа дали постои можност да се работи за напад или киднапирање на авионот.
Египетскиот државен весник „Ахрам” објави утринава дека пилотот не испратил никаков сигнал пред да исчезне од радарот.
Освен египетските авиони во потрагата зеде учество и Грција, а два грчки хеликоптери го надлетуваат јужниот остров Карпатос и се во состојба на готовност.