Güç Gönel,Kaan Bozdoğan
15 Декември 2017•Ажурирај: 15 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул порача дека одлуката за признавање на Кудс за главен град на Израел, е најава за нови операции кон исламскиот свет, јавува Anadolu Agncy (AA).
Ердоган зборуваше денес во Истанбул на церемонијата на првото турско метро без машиновозач кое ќе ги спојува истанбулските квартови Ускадар и Умраније. Ердоган во таа прилика се осврна и на актуелните случувања.
Турскиот претседател истакна дека неговата земја во последните неколку години била изложена на напади и закани, но тоа не ја спречило во нејзиниот развој.
„Само во последните четири до пет години, она што Турција го доживеа би требало секој да го воодушеви. Оваа земја за време на тој процес остана исправена и се соочи со голем број на напади, не ја наведна главата пред заканите и замките. Верувам дека на тој начин отворивме нов хоризонт кон иднината на целиот регион“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека неговата земја никогаш нема да се откаже од својата борба во Сирија и Ирак.
„Турција никогаш нема да се откаже од својата борба во Сирија. Турција никогаш нема да се откаже ни од својата борба во Ирак. Турција никогаш нема да се откаже од борбата против ставот на ЕУ кон неа, кој е неправеден и без почитување“, изјави турскиот претседател Ердоган
Ердоган се осврна и на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со признавањето на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел. Тој рече дека оваа одлука за Кудс е најава на нови операции кон исламскиот свет, и дека доколку муслиманите доволно не се спротистават, ќе следува и продолжение.
„Како што нема алтернатива за Мека и Медина, исто така не постои алтернатива ниту за Кудс. Поради тоа, ние немаме намера да се откажеме од овој град. Поради тоа Кудс е наша гордост, наша чест и наша црвена линија. Кудс сега е испит кој треба да го положи секој муслиман и секоја муслиманска земја“, порача турскиот претседател.
Ердоган исто така изјави дека неговата земја никогаш нема да го заборави лицемерството со кое е соочена во НАТО и САД, алудирајќи притоа на воената вежба на НАТО за време на која Ердоган и основачот на Република Турција, Кемал Ататурк, беа прикажани како мети.