Kübra Chohan
30 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
ТАШКЕНТ (АА) - „Турција работи на подобрување на билатералните врски со Узбекистан во сите области“, рече денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Разговаравме за сите теми поврзани со Турција и Узбекистан, за политиката, војската, економијата, трговијата, културата, одбранбената индустрија, и за она што можеме да го направиме во тој процес“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со неговиот колега, претседателот на Узбекистан, Шевкет Мирзијоев, во Ташкент.
„Разменивме мислења за регионалните и глобални прашања. Минатата година во октомври ги донесовме односите помеѓу Турција и Узбекистан до ниво на стратешко партнерство“, истакна турскиот претседател.
„На денешниот состанок, презедовме чекори за зајакнување на инфраструктурата на нашето стратешко партнерство.“
Двајцата претседатели потпишаа договори, за кои Ердоган истакна дека се почеток на долгото патешествие за Турција и Узбекистан.
„Состанокот на Советот за стратешка соработка на високо ниво помеѓу Турција и Узбекистан ќе се одржува секоја година, а првиот состанок ќе се одржи во Турција“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека Турција останува решена да ги зајакне билатералните врски во сите области, од економијата до одбранбената индустрија, од образованието до културата, од животната средина до енергетиката, од земјоделството до туризмот.
Тој, исто така, го поздрави развојот на економските односи, велејќи дека обемот на трговска размена помеѓу двете земји се зголемил за 20 отсто во првиот квартал од годината.
Ердоган, исто така, рече дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) има цел да инвестира 60 милиони долари во Узбекистан.
Претседателот на Узбекистан, Шевкет Мирзијоев, истакна дека му претставува задоволство тоа што делат исти ставови.
Тој додаде дека на средбата биле разменети ставови и за воспоставување мир и стабилност во Авганистан.