Nilay Kar
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција очекува траен мир на Корејскиот Полуостров, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во врска со историскиот самит меѓу двете Кореи, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи пред новинарите на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, пред неговото заминување за Узбекистан, претседателот Ердоган рече: „Нашата посета се совпаѓа со многу значаен период“.
Во петокот, лидерите на Северна и Јужна Кореја постигнаа согласност за целосна денуклеаризација и траен мир на Корејскиот Полуостров.
На покана на јужноскорејскиот претседател Мун Џае-ин, Ердоган ќе престојува во официјална посета на Сеул на 2 и 3 мај, по неговата посета на Узбекистан.
„Ние сакаме разговорите (меѓу двете Кореи) во врска со нуклеарното разоружување да резултираат со успех“, рече тој.
„Особено сакаме траен мир, за кој Корејскиот Полуостров копнее веќе со децении“.
„За време на мојата посета, ќе размениме мислења со цел да ја зајакнеме нашата соработка. Ќе разговараме за билатералните односи, како и за регионални и меѓународни прашања“, нагласи Ердоган.
За време на неговиот престој, тој ќе го посети Националното собрание на Јужна Кореја и ќе се сретне со Чунг Сје-Кјун, спикерот на Собранието.
Турскиот претседател, исто така, ќе оствари средби со претставници на голем број водечки корејски компании.
- Посетата на Узбекистан -
Во рамките на посетата на Узбекистан, турскиот претседател Ердоган во текот на утршниот ден ќе се сретне со неговиот колега, претседатеот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев, во главниот град Ташкент, за време на неговата тридневна официјална посета на земјата.
Тој подоцна ќе има обраќање во Парламентот на Узбекистан и ќе присуствува на Турско-узбекистанскиот бизнис-форум заедно со Мирзијоев.
„Ќе го вратиме моментумот на сите изгубени години досега. Затоа, во посета на Узбекистан одиме со голема делегација на бизнисмени“, рече Ердоган.
Во вторник Ердоган ќе го посети историскиот град Бухара, каде што планира да основа два исламски институти.