ЕРУСАЛИМ (АА) - ТУРГУТ АЛП БОЈРАЗ -
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) утре ќе биде префрлена од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), и на тој начин ќе биде спроведена одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, донесена во декември минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Градот Ерусалим (Кудс), кој пред стотина години го окупираа Британците и кој ја претставува основата на палестинското прашање, се подготвува за еден од најтешките денови во својата историја.
Со свечена церемонија, утре Амбасадата на САД официјално ќе биде префрлена во Ерусалим. На тој начин, долгогодишните напори на Израел за јудаизација на градот ќе добијат нова димензија.

Планирано е на церемонијата, која ќе се одржи на денот кој Палестинците го нарекуваат „Накба“ („Голема катастрофа“), по пат на телеконференција да се обрати и американскиот претседател Трамп.
На многу улици во Ерусалим (Кудс), може да се видат пораките „Трамп - пријател на ционистите“ и „Трамп го прави Ерусалим величествен“.
На израелската страна може да се забележи празнично расположение, додека палестинската искажува големо разочарување.
Палестинците планираат утре да организираат мирни протести и уште еднаш да го изразат својот став.
- Како започна процесот кој го доведе Ерусалим во оваа состојба? -
Британската војска предводена од генерал Едмунд Аленби во 1917 година го зазеде Ерусалим, а со завршувањето на османлиското владеење во Палестина, се отвора пат за реализација на ционистичкиот план за втемелување на еврејска држава. Истата година е објавена и Декларацијата на Балфор, со која е предвидено основање на еврејска држава.
По завршувањето на британскиот мандат врз Палестина, Давид Бен-Гурион на 14 мај 1948 година прогласи дека е основана државата Израел. Палестинците овој ден го нарекуваат „Накба“ и го одбележуваат како почеток на катастрофата која трае, односно на систематскиот прогон во кој од својата земја се протерани милиони Палестинци.
Западен Ерусалим премина под управа на Израел, а Источен Ерусалим беше под контрола на Јордан. Израел во шестдневната војна во 1967 година го окупираше Источен Ерусалим и оттогаш се обидува да го јудаизира.
- Ерусалим (Кудс), свет град на три монотеистички религии -
Ерусалим за свет град го сметаат припадниците на сите три големи религии.
Токму статусот на Источен Ерусалим е една од најголемите пречки во решавањето на израелско-палестинското прашање. Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 29 ноември 1947 година ја усвои Резолуцијата со која се предвидува поделба на палестинската територија на палестинска и израелска држава. Според Планот за поделба на ОН од 1947 година, историскиот простор на Палестина треба да се подели на две држави, еврејска и арапска, а на Ерусалим му е даден посебен статус и требаше да биде ставен под меѓународен суверенитет и контрола.
Причина за овој посебен статус на Ерусалим е затоа што тој претставува свет град за трите големи религии. Сепак, Израел во 1980 година го прогласи Ерусалим (Кудс) за свој главен град. Советот за безбедност на ОН со Резолуцијата 478 израелската одлука ја прогласи за неважечка.
Американскиот претседател Доналд Трамп во декември 2017 година го призна Ерусалим за главен град на Израел. По оваа одлука на американсиот претседател, следуваше повикот на земјите-членки на Организацијата за исламска соработка (OIS), сиот свет да го признае Ерусалим за главен град на Палестина.
Амбасадите на сите земји кои го признаваат Израел се наоѓаат во Тел Авив. Сепак, во согласност со oдлуката на претседателот Трамп, Амбасадата на САД утре ќе биде префрлена во Ерусалим.
Во град со долгогодишна традиција и обиколен со високи ѕидини, оневозможен е влезот за речиси 3 милиони Палестинци кои живеат на Западниот Брег. Истиот проблем го имаат и два милиона Палестинци кои живеат во Појасот Газа.
- За милиони Палестинци, враќањето во Ерусалим е само сон -
Пет милиони палестински бегалци низ целиот свет немаат можност да го исполнат својот најголем сон, да се вратат во Ерусалим.
Оние кои живеат во градот чии улици денеска изгледаат пусто, можат само да ги слушаат сеќавањата на старите кои со носталгија зборуваат за деновите пред окупацијата.
„Порано жителите на Газа носеа и продаваа јагоди во Ерусалим, жителите на Хеброн грозје, а жителите на Тулкарм, портокали. Ерусалим беше место за средби на сите Палестинци. Особено во петок, на Портата „Дамаск“, која е една од главните влезови во овој древен град опколен со ѕидини, можевте да сретнете Палестинци од сите делови на земјата. Денеска, и оние на кои им е дозолен престојот во градот, избегнуваат собирање пред Портата „Дамаск“. Дури и продавниците се затвораат пред самрак. Окупаторските војници подготвени чекаат на секое ќоше“, се зборови кои често можат да се чујат од постарите лица, јасно опишувајќи ја состојбата во која денеска се наоѓа Ерусалим (Кудс).
Бројот на Палестинци кои денеска живеат во Источен Ерусалим едвај да е поголем до 300.000. Тие се соочуваат со низа опасности и закани, а загубата на домовите и апсењата се само некои од нив. Одлуката на Трамп само го зголеми бесот и разочарувањето кај палестинското население во градот.
Според податоците на Организацијата за човекови права „Бецелем“, Израел од 1967 година ја укина дозволата за престој на 14.000 Палестинци, поради што тие се протерани од Источен Ерусалим.
Иако проектите за изградба на еврејски населби во Источен Ерусалим се сметаат за нелегални, Израел од 1967 година наваму изгради низа населби за Евреите. Само во Источен Ерусалим во овие илегални населби живеат повеќе од 200.000 еврејски доселеници.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) на 23 декември 2016 година донесе Резолуција со која од Израел се бара да ги запре изградбата и ширењето на окупираната израелска територија.
Од друга страна, речиси е невозможно Палестинците да добијат градежна дозвола. Во градот постојат неколку илјади „илегално изградени куќи“ на Палестинци, кои секој момент можат да бидат урнати. Екипи од Градската управа, одвреме-навреме организираат уривање на овие куќи, а трошоците мораат да ги платат Палестинците.