Adem Şalvarcıoğlu
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Поранешниот премиер на Малезија, Наџиб Резак, денес соопшти дека се повлекува од чело на партијата „Обединети Малаји“ (UMNO), која минатата недела го доживеа својот прв изборен пораз од независноста на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Наџиб девет години беше претседател на партијата, која е водечка политичка опција во рамките на Националниот фронт, коалиција која е на власт во Малезија од 1957 година.
Отако на парламентарните избори, кои се одржаа на 9 мај, ја загуби власта и ја препушти на обединетиот опозициски блок, Наџиб во денешната изјава го призна изборниот пораз.
На чело на победничкиот блок е 92-годишниот Махатир Мухамад, кој функцијата премиер ја извршуваше рекордни 22 години и се врати од пензија за да ѝ помогне на опозицијата да изврши реформи во земјата.
„Лидерите треба да ги прифатат изборните порази и да преземат одговорност за неуспесите. Целосно го признавам поразот и преземам одговорност“, рече Наџиб.
Неговиот досегашен заменик, Ахмед Захид Хамиди, назначен е за нов лидер на партијата „Обединети Малаји“.
Одделот за миграции во Малезија вчера соопшти дека на поранешниот премиер Наџиб Разак и на неговата сопруга Росмах Мансор им е забрането да ја напуштат земјата. Забраната беше издадена откако двојката објави дека оди на краток одмор во Индонезија.
Наводно Резак и неговата сопруга требало да патуваат во Џакарта. Ова предизвика серија шпекулации за тоа дека поранешниот премиер и неговата сопруга ја напуштаат земјата поради страв дека ќе се соочат со обвиненијата за милионска корупција која се однесува на државниот фонд.