Ivana Ramadanova
07 Октомври 2016•Ажурирај: 08 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Клучен чекор кон разрешувањето на политичката криза во земјата се фер кампања и кредибилни избори кои треба да се случат во декември, смета шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека моменталната криза и има нанесено сериозен удар, не само на политичкиот систем, туку и на темелите на владеењето на правото и демократскиот поредок и ја парализира земјата веќе предолго.
„Декемвриските избори ќе бидат тест за одговорноста, тест за зрелоста, за нејзините лидери, за нејзините институции, за јавните службеници, за медиумите и за граѓаните. Јас се надевам дека ќе успеете вашата земја да ја вратите на евроинтегративниот пат, каде што припаѓа, кон значајни реформи и кон просперитетот. Јас сум оптимист и навистина верувам дека со силна политичка заложба и напори од сите релевантни фактори, граѓанското општество и граѓаните, проблемите ќе се разрешат и кризата ќе заврши“, порача евроамбасадорот Жбогар.
Шефот на делегацијата на ЕУ овие заклучоци ги изнесе на денешната конференција на тема „Напредни методи за мониторинг на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи“, во организација на Државната комисија за спречување корупција во рамките на твининг-проектот на ИПА „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“.