Besar Ademi
15 Декември 2015•Ажурирај: 16 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, на денешната лидерска средба во Клубот на пратениците во заедничка изјава го поздравуваат постигнатиот договор за целосниот состав на ДИК, јавува Anadolu Agency (AA).
„Препорачуваме Парламентот да ги назначи Реџеп Прекопуца, Атанас Урумас и Алексаднар Чичаковски за независни експерти во ДИК. Го покануваме Парламентот да ги финализира неопходните постапки што е можно побрзо, со цел ДИК да започне со својата работа и да ги преземе своите должности за подготовка на веродостојни избори и да придонесе за создавање рамноправни услови во предизборието, се наведува во заедничката изјава на четворицата лидери“, се наведува во заедничкото соопштение.
Лидерите ги повикуваат сите државни институции целосно да ја поддржат ДИК во оваа тешка задача.
„Ја покануваме ДИК да ги донесе неопходните одлуки за прашања како што се кадровското екипирање, вклучувајќи професионален и висококвалификуван генерален секретар, за методологиите за проверка на Избирачкиот список и да утврди постапки за проверка и за одлучување по изборни поплаки врз основа на законските начела без политичко влијание“, се наведува во заедничката изјава.
Лидерите на политичките партии ги повикуваат граѓаните да пријават какви било злоупотреби кои ги воочиле до ДИК и другите официјални тела со релевантни овластувања, како што е народниот правобранител. По средбата изјава за медиумите даде само белгискиот експерт Питер Ван Хауте, кој изрази задоволство од постигнатиот договор и најави дека во следните денови ќе продолжат разговорите на работни групи за реформите во медиумите.