ВАШИНГТОН (АА) – Американските граѓани започнаа да гласаат за нов претседател по повеќемесечната изборна кампања. Дали 45. претседател на САД ќе биде поранешниот државен секретар, демократката Хилари Клинтон, или пак републиканецот и бизнисмен Доналд Трамп, ќе се дознае утре во раните утрински часови, јавува Anadolu Agency (AA).
Освен за претседател, Американците ќе гласаат и за членови на Конгресот. Во целост ќе се избираат 435 члена на Претставничкиот дом на Конгресот. Ќе се гласа и за третина од 100 членови на Сенатот и некои гувернери.
Поради различните временски зони во САД, времето на почеток и крај на гласањето е различно. Гласањето во државите на истокот започна во 06:00 часот според локално време.
Граѓаните од 37 држави, меѓу кои и оние од главниот град Вашингтон, имаа можност на 26 октомври предвремено да го искористат своето право на глас. Но, повеќето избирачи ќе гласаат денес.
Соопштено е дека околу 40 милиони граѓани гласале во предвремениот процес. Од друга страна, не се очекува излезноста да биде многу голема. Се предвидува од 230 милиони регистрирани гласачи, денес на гласање да излезат околу 100 милиони.
- Оној што ќе добие најмногу гласови од електорите ќе стане претседател -
Според изборниот систем на САД, освојувањето на најголем број гласови може да биде недоволно за избор на претседател.
Секоја држава во САД одделно избира претседател. Поради федералната стуктура на управување, претседателот не го бираат директно гласачите, туку таканаречените електори, претставници на партиите на претседателските кандидати кои се избирани од гласачите во секоја од 50-те сојузни држави на САД. Претседателскиот кандидат кој ќе освои една сојузна држава, ги освојува сите гласови од електорите од таа држава, а нивниот број се одредува според бројот на населението во државата. Со тоа, претседател на САД станува оној кандидат кој ќе освои најголем број електори, а не оној што ќе освои најголем број гласови.
Поради ова, вниманието не е насочено кон тоа колку гласови имаат освоено Хилари Клинтон и Доналд Трамп, туку во кои држави победиле.
- Анкетите покажуваат кон Клинтон -
Анкетите спроведени во САД на ниво на целата држава, покажуваат дека демократите ќе ја добијат трката.
Според списанието „Економист“ и истражувачката фирма „ЈуГов“, анкетата што ја направија ден пред изборите покажува дека Клинтон е пред Трамп за четири поени, односно има 45% поддршка. Додека пак, либералот Гери Џонсон има 5%, а кандидатот на Зелената партија, Џил Стеин има 2% поддршка.
- Кандидатите ја водеа кампањата до последниот момент -
Хилари Клинтон вчерашниот ден го започна со настан во Северна Каролина. Таа им се обрати на избирачите во градот Роли, а потоа замина во државата Мичиген.
Клинтон вечерта пред изборите ја помина во Пенсилванија. На активностите во градот Филаделфија, Хилари беше придружувана од претседателот Барак Обама и неговата сопруга Мишел. Поддршка ѝ дадоа и нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон и ќерката Челзи Клинтон.
Републиканскиот кандидат Трамп вчера го имаше најинтезивниот ден во целата кампања. Тој имаше активности во 5 држави: најпрво беше во Флорида, каде што се обиде да ги убеди неопределените гласачи. Подоцна замина за Северна Каролина, Пенсилванија, Њу Хемпшир и во Мичиген, каде што на митинзите им ги упати последните пораки на гласачите.
- Резултатите ќе ги следат од Њујорк -
Инаку, Клинтон и Трамп резултатите од изборите ќе ги чекаат во Њујорк, центарот на нивните кампањи, од каде што и двајцата кандидати се очекува да ги упатат своите победнички пораки или пак пораката за пораз.
Американците на 9. ноември ќе се разбудат со едно од двете различни ветувања. Клинтон вети дека ако победи, во голема мера ќе ги продолжи политиките на нејзиниот претходник Барак Обама, додека пак Трамп за време на кампањата изнесе спротивни гледишта од сегашните, особено за здравството, миграциите, образованието и економијата.
Новиот, 45. претседател на САД ќе започне со својата функција полагајќи заклетва на 20. јануари. Заклетвите на претседателите во САД се одржуваат свечено, во дворот на Конгресот на САД, и се отворени за народот.
- Изборните резултати првично се очекуваат од „Асошиејтед прес“ -
Изборните места ќе бидат затворени во 19:00 часот по локално време, и се очекува резултатите од изборите да бидат објавени некаде на полноќ.
Новинарската агенција „Асошиејтед прес“ (АП) ќе собира информации од целата држава, со повеќе од 4.000 репортери.
Се очекува вечерва АП да ги соопшти првите резултати од изборите.