Bayram Altuğ
08 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
МОНТ ПЕЛЕРИН (АА) - Со цел изнаоѓање решение за кипарското прашање, под покровителство на Обединетите нации, во швајцарскиот град Монт Пелерин во тек е вториот ден од преговорите, на кои се разгледуваат прашањата за Европската Унија, економијата, сопственоста, распределбата на раководството и моќта, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од дипломатски извори, во вториот ден од преговорите, на заедничка маса повторно седнаа претседателот на Турска Република Северен Кипар (ТРСК), Мустафа Акинџи и лидерот на грчкиот дел од островот Никос Анастасијадис.
Еспен Барт Еиде, специјалниот советник на ОН за Кипар под чиј надзор продолжуваат преговорите, соопшти дека на средбата се разгледуваат деталите околу основните теми (односите со ЕУ, економија, сопственост, распределба на раководството и моќ) за кои сѐ уште не е постигнато усогласување.
ОН дозволи во хотелот „Ле Мирадор“ да претстојуваат само делагациите на ТРСК и делегацијата од грчкиот дел, истакнувајќи дека преговорите ќе траат цел ден. Околу хотелот се преземени строги безбедносни мерки и на претставниците на медиумите не им се дозволува влез во хотелот.
За да се премине во финалната фаза од преговорите, се очекува во Швајцарија да се дефинира датумот и местото на конференцијата со учество и на земјите-гаранти, Турција, Грција и Британија. На конференцијата ќе се разговара за тематики во врска со безбедноста и гаранциите.
Од друга страна, вчера во Монт Пелерин, на отворањето на преговорите пристигна генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кој со претседателот Акинџи и грчкиот лидер Анастасијадис одржа средба којашто траеше околу 5 часа.
На средбата, генералниот секретар Бан истакнал дека е потребно пред завршувањето на 2016 година, да се изнајде решение за кипарското прашање и им се заблагодарил на Акинџи и на Анастасијадис за вложениот напор и покажаната добра намера.
Преговорите за кипарското прашање во Швајцарија ќе траат до 11 ноември.