Admir Fazlagic
23 Мај 2016•Ажурирај: 24 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул, оствари средби со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Како се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов, на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција и подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Во разговорите, претседателите разменија мислења и информации за состојбите со мигрантската криза, за актуелните политички состојби во земјите, како и за прашања поврзани со енергетската безбедност и гасоводни проекти.
Од кабинетот на Иванов известуваат дека претседателот Ердоган го информираше претседателот Иванов за состојбите и предизвиците со кои се соочува Турција во однос на бегалската и мигрантската криза, како и во борбата против тероризмот.
Во тој контекст го информираше и за спроведувањето и перспективите на Договорот ЕУ-Турција за справување со мигрантската криза.
Македонскиот претседател го информираше неговиот турски колега за мерките и активностите кои ги спроведува и презема Република Македонија за справување со кризата.
Претседателот Иванов го запозна претседателот Ердоган со состојбите и заканите на нашата јужна граница, кои се предизвикани од зголемениот степен на илегална миграција и неодамнешните насилни обиди за илегално влегување на македонска територија.
Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.
Во соопштението се наведува и дека двајцата претседатели се согласија дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во насока на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од тероризмот, насилниот екстремизам и илегалната миграција.