Nazmi Abduramani
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на голем број гости и на дипломатскиот кор во Република Македонија, по повод од 100-годишнината од настаните поврзани со Првата светска војна, денеска во Воениот музеј во Скопје е отворена изложбата „Американскиот Црвен крст во Македонија за време на Првата светска војна”, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод министерот за одбрана, Зоран Јолевски, рече дека радоста и тагата која претставниците на американскиот Црвен крст ја поделија со жителите на Македонија за време на Првата светска војна е претставена на јавноста преку објективот на Мерл Ле Вој, основач на американската фотографија и филм во почетокот на 20-тиот век.
Тој исто така истакна дека Република Македонија и САД имаат долготрајно партнерство.
„Партнерството помеѓу Македонија и САД не е од сега, има многу настани за кои сме сведоци во минатото. За таа цел, Воениот музеј во 2014 година ја организираше првата изложба на оваа тема со наслов ,Американско-македонските односи во текот на историјата'. Сега,14 месеци подоцна, ја отворивме втората изложба. Одличните односи, со размена на успесите и радоста во моменти на тага во едно трагично време како што беше Првата светска војна, повторно нè собраа денеска во Воениот музеј”, рече Јолевски.
Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, рече дека преку оваа изложба е прикажана помошта за надминување на тие страдања за време на Првата светска војна и претставува прозорец кон минатото.
„Оваа изложба е добар пример за напорите на музејот за да обезбеди прозорец кон минатото. Прикажаните слики зад мене беа направени од страна на Мерл Ле Вој, фотограф и пионер како и филмски работник, кои патувал низ Европа за да ја документира Првата светска војна. Овие слики го илустрираат животот на луѓето на Балканот во време кога Црвениот крст работеше со доктори, медицински сестри и хуманитарци за да му помогне на локалното население во регионот”, изјави Бејли, додавајќи дека во Европа за време на Првата светска војна имаше над 18 илјади доброволци од Црвениот Крст на САД за да им помогне на американската армија и локалното население.
На изложбата се прикажани 188 фотографии направени на територијата на Република Македонија во периодот од 1917-1918 година, на сликите е прикажана Македонија како дел од страдањата за време на Првата светска војна, прикажани се раните лекувани од страна на медицинските тимови и хуманистите од САД.