Admir Fazlagic
31 Март 2016•Ажурирај: 31 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1- го прифати предлогот на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) за примена на мерката притвор за осомничено лице Г.Г. во предметот „Тврдина" и одреди 30 дена притвор, соопштија од Основниот суд Скопје 1, јавува Anadolu Agency (AA).
"Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за определување мерка притвор за осомничениот Г.Г., поднесен во судот во текот на вчерашниот ден, по денешното сослушување на осомничениот кој самиот се јави во судот, а во присутво на негов бранител и обвинител од наведеното обвинителство, донесе одлука со која го прифати предлогот на обвинителството за определување на мерка 30 дневен притвор" , пишува во соопштението.
Исто така се наведува и дека на оваа одлука на судијата на преходна постапка, странките имаат право на жалба во рок од 24 часа.
Инаку, Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) на денешната прес-конференција објави дека започна нова истрага под името "Тврдина" во врска со нелегалното следењето на комуникациите, која се однесува на заштитата на приватноста на нелегалното прислушување за кои се осомничени поранешни и сегашни високи функционери во Министерството за внатрешни работи (МВР).