БАРСЕЛОНА (АА) - Над 760 лица се повредени во текот на интервенциите на шпанската полиција во Каталонија, каде што денес се одржа референдумот за независност на регионот, кој централната шпанска власт го смета за неуставен, пренесува Anadolu Agency (АА).
Каталонското Министерство за здравство соопшти дека во Барселона две лица се во критична состојба.
Иако полицијата доби наредба да се воздржи од примена на сила, повеќе стотици луѓе се повредени од гумени куршуми и палки. Каталонските власти тврдат дека полицијата употребила и солзавец за да ги растера приврзаниците на референдумот, кои пружале отпор чувајќи ги гласачките места.
Речиси сите избирачки места низ Каталонија се затворени, а започна отворањето на гласачките кутии и броењето на гласовите.
Министерот за надворешни работи на Шпанија, Алфонсо Дастис, изјави дека денешното насилство е „несреќно и непријатно, но пропорционално“. Тој во изјава за медиумите за ескалацијата на немирите го обвини претседателот на Каталонија, Карлес Пучдемон, и неговата регионална влада.
По затворањето на гласачките места на референдумот за независност на Каталонија, се огласи и шпанскиот премиер Маријано Рахој, кој на вонредна прес-конференција порача дека неуставниот референдум не се случил.
„Можам да ви го кажам она што веќе го знаете, а тоа е дека денес не сме имале референдум за самостојност на Каталонија. Видовме една епизода на стратегија против владеењето на правото и демократичноста. Некои се обидоа да го одземат гласот на оние што мислат поинаку. Видовме однесувања кои се спротивни на сите демократски принципи и тоа никогаш не треба да се повтори “, рече Рахој.
Шпанскиот премиер и се заблагодари на полицијата, која, како што рече, постапила со цврстина и спокој.
Илјадници граѓани на Каталонија, и покрај наредбите на полицијата да ги напуштат избирачките места, од раните утрински часови чекаа во ред за да гласаат на референдумот за независност.
Референдумот започна со интервенција на полицијата, а потоа следеа судири со поддржувачите на референдумот и одвлекување на луѓето од гласачките места, како и одземање на изборниот материјал.
Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 92 нелегални избирачки места низ Каталонија се затворени.
Каталонската влада предупреди дека поради насилството на националната полиција, шпанската влада ќе одговора пред меѓународните судови.
Портпаролот на регионалната влада, Жорди Турул, ја нарече Шпанија „срам на Европа“ поради начинот на кој се однесувала кон аспирациите на Каталонија да одржи референдум за отцепување. Тој изрази уверување дека по затворањето на гласачките места ќе бидат изброени милионите гласови, и изрази надеж дека сите стигнале да го уфрлат своето гласачко ливче.
news_share_descriptionsubscription_contact
