Besar Ademi
08 Ноември 2016•Ажурирај: 09 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Граѓанската асоцијација МОСТ, во рамките на проектот „Патоказот кон демократските реформи“, во Скопје организираше конференција на тема „Одвоеноста на државата од политичките партии“, каде што домашни и меѓународни експерти дискутираа за вредностите и принципите во врска со одвоеноста на државата од политичките партии, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конференцијата е преку дискусија околу вредностите, стандардите и принципите на меѓународното право да се подигне свеста на граѓаните и јавната администрација за важноста на одвоеноста државата од политичките партии.
Според претседателот на асоцијацијата МОСТ, Дарко Алексов, оваа конференција е почеток на една кампања која во иднина ќе ги информира граѓаните за прашањето на одвоеноста на државата од политичките партии, што, според него, е вредност и принцип на меѓународните стандарди.
„За сите нас треба да биде јасно дека демократијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права се дел од основните вредности на кои стои Европската унија, а ние како држава секако дека стремиме кон Европската Унија. За да се постигне ова, интересите на политичките партии не треба да се мешаат со јавниот интерес и на државата“, рече Алексов.
- „Не е добро да се прифати како нормално вработувањето преку политички активизам“ -
Во меѓувреме, судијката во Уставниот суд на Република Македонија, Наташа Габер-Дамјановска, истакна дека на суд најмногу се жалеле лица кои биле дискриминирани во работните односи, од кои повеќето се членови на опозициските партии или не припаѓаат на ниту една политичка партија.
„Не е добро што јавноста е навикната да го прифаќа како нормално тоа дека веројатноста за вработување е поголема преку политички активизам или членување во политичка партија. Верувам дека ова е неприфатливо и е во спротивност со Уставот и законите кои се однесуваат на ова прашање“, рече Дамјановска.
Од друга страна, одговорниот на фондацијата „Фридрих Еберт“ за Тирана и Скопје, Френк Хантке, рече дека повеќето од земјите на Балканот одат кон автократски системи и ги изгубат демократските принципи. Според него, ако граѓаните немаат доверба во владата и парламентот на земјата, во таа земја нема демократија.
Хантке зборуваше и околу финансирањето на политичките партии, земајќи ја за пример германската држава. Тој рече дека сите политички партии се должни да ги објават сите информации за финансиите и буџетот да биде транспарентен.
„Германците не се помалку корумпирани од балканците, но контролата е поголема и подобра. Не треба да мислиме дека балканците имаат нешто во нивните гени. Корупцијата е широко распространета низ целиот свет, а акцентот е во тоа колку е силна контролата и вољјата за самоконтрола. Разликата е ова, а не менталитетот или нешто слично“, рече Хантке, според кој политичките партии во Македонија се побогати од политичките партии во Германија.
Тој нагласи дека она што недостасува во балканските земји е надоместокот за членство во политичка партија, која не се практикува во овие земји. Тој додаде дека во Германија и други европски земји, членарината е најголемиот извор на партиско финансирање.