Ivana Ramadanova
11 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд денеска оствари средба со четворицата лидери на најголемите политички партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Прв средба со Нуланд оствари лидерот на албанската опозициска партија ДПА, Мендух Тачи, кој по средбата изјави дека сега е добар момент кога сите треба да се посветат на работата и на решавањето на политичката криза што ја зафати земјата, додавајќи дека пораката на Нуланд е лидерите да работат на решавањето на политичката криза.
„Оваа криза многу се одолговлекува. Ќе видиме во следните неколку дена, оваа ситуација ќе треба да се деблокира. Тоа е многу важен момент и сите заедно треба да го искористиме за да ја деблокираме оваа политичка криза. Во спротивно, ќе изгубиме целосна надеж ако тоа не се случи сега. Пораката е дека сите треба да работиме за да се стави крај на политичката криза и да се оди на избори”, рече Тачи.
Нуланд оствари средба и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на СДСМ, Зоран Заев, и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. По средбите со Нуланд, се огласија и трите политички партии.
„Лидерот на ДУИ, Ахмети, ја увери Нуланд дека ДУИ е најконструктивна во изнаоѓањето на решение, и изрази оптимизам дека во наредните денови, брзо ќе биде постигнат компромис од двете страни. Овој компромис треба да резултира со сеопфатни, веродостојни и демократски избори, колку што е можно поскоро. Ахмети го информираше високиот претставник од САД околу предлозите на ДУИ за чистење на Избирачкиот список и за медиумите, како и за потребата двете страни да се договорат дека се исполнети условите за избори, а потоа да се одреди датум за предвремени избори“, стои во соопштението на ДУИ.
Според соопштението од СДСМ, на состанокот било истакнато дека ова е клучен период за постигнување договор за неопходните услови за фер и регуларни избори.
„Заеднички е констатирано дека мора да се обезбеди прочистен, доверлив Избирачки список и објективно известување на медиумите и дека со исполнување на овие услови, ќе се овозможи одржувањето на предвремените парламентарни избори во текот на месец ноември. Исто така, потенцирана е неопходноста за формирање Влада што ќе организира и ќе спроведе регуларни избори на коишто ќе одлучи слободната волја на граѓаните, и дека без разлика на промените што ги прави власта во Законот за внатрешни работи, Владата мора да биде формирана согласно сите аспекти на Договорот од Пржино”, велат од СДСМ.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ во соопштението до медиумите вели дека на средбата со Нуланд разговарале за излезот од политичката криза, за што, како што посочуваат, потребен е ангажман и придонес на сите политички чинители за да се постигат решенија што ќе внесат доверба во процесите.
„Груевски посочи дека изборите се единствениот излез од наметнатата политичка криза од страна на опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив, но и го посочил фактот дека за да тие да се случат, потребно е обврзување од страна на опозицијата. Притоа истакна дека сите услови за избори се исполнети, дека нема пречки за нивно одржување и оти ќе учествуваат на нив, со цел да не се создаваат нови изговори за нивно ново одложување", се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.