Ali H. M.Abo Rezeg
12 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
ГАЗА (АА) - Најмалку седум Палестинци се убиени, а седум се ранети во синоќешниот напад на израелските сили во блокираниот Појас Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на палестинското Министерство за здравство во Газа, Ешреф ал Кидра, соопшти дека израелските сили извршиле напад на група Палестинци источно од градот Хан Јунис.
Тој го објави и идентитетот на убиените Палестинци кои биле на возраст меѓу 21 и 37 години.
Ал Кидра, исто така, изјави дека Министерството за здравство ги ангажирало сите сопствени ресурси да помогне на настраданите од евентуалното продолжување на израелските напади.
Паралелно со тоа, воениот огранок на палестинското движење Хамас, бригадата „Изедин ал Касам“, потврди дека меѓу убиените Палестинци бил и еден командант на таа бригада.
Од друга страна, израелската Војска соопшти дека воената акција во Газа ја извршила како одговор на претходното насилство во подрачјето.
Во соопштението се наведува дека за време на акцијата загинал еден израелски војник, а дека уште еден е полесно ранет.
Портпаролот на израелската Војска, Авичај Адрае, изјави дека од подрачјето на Газа врз Израел се истрелани најмалку десет ракетни проектили.
Поради синоќешните судири и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја скрати официјалната посета на Париз и се врати во Израел.