Emre Doğan
04 Август 2017•Ажурирај: 04 Август 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Пари Сен Жермен на Барселона ѝ плати обесштетување во висина од 222 милиони евра за премин на бразилскиот фудбалер Нејмар во нејзините редови. Нејмар изјави дека ги доживеал сите нешта што еден спортист може да ги посака, но додаде дека има потреба од нови предизвици и авантури, и затоа се одлучил на овој трансфер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бразилскиот фудбалер Нејмар, кој по овој трансфер ја презема титулата најскап фудбалер на светот, зборуваше за себе преку својот профил на социјалната мрежа инстаграм.
За својата кариера во Барселона, Нејмар изјави дека претставува „повеќе од една авантура”.
„Сон на секое дете е да игра заедно со ѕвездите од видео-игрите. Во Каталонија дојдов на 21-годишна возраст и доживеав голем број авантури. Се сеќавам на моите први денови во клубот со фудбалерите кои ми беа идоли, Меси, Валдес, Чави, Пујол, Пике, Бускетс”, рече Нејмар.
За аргентинската ѕвезда Меси во редовите на Барселона, Нејмар рече: „Се гордеам што имав можност да играм со најсовршениот спортист што сум го видел досега. Сигурен сум дека нема да видам подобар од него. Ми беше чест да играм со Меси, со кој бевме пријатели и надвор од теренот”.
Нејмар рече дека ги направил сите нешта што еден спортист може да ги посака и додаде:
„Во Барселона поминав незаборавно време. Но имам потреба од нови авантури. За да постигнам нови придобивки, го прифатив предлогот на Пари Сен Жермен. Направив смел план за мојата кариера. Во срцето почувствував дека е време да се разделиме. Пари Сен Жермен ќе биде мојот нов дом во наредните неколку години. Ќе се обидам да им возвратам за довербата која ја имаат во мене. На 25-годишна возраст донесов една одлука. Ти благодарам за сѐ Барселона. Париз, јас сум веќе со вас. Господ нека нѐ чува”.