Ekipa
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ВАТИКАН (АА) - Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, го осуди терористичкиот напад во Истанбул, извршен на новогодишната ноќ, во кој загинаа 39, а беа повредени повеќе од 60 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Папата на мисата на плоштадот Свети Петар во Ватикан изјави дека е потресен од терористичкиoт напад извршен во новогодишната ноќ, која се карактеризира како „ноќ на добри желби и надежи“.
Тој порача дека неговите молитви се со загинатите, нивните семејства, повредените и со целиот турски народ.
Папата изрази жалење поради болката што тероризмот им ја нанесува на луѓето ширум светот.
Поглаварот на Католичката црква, во својата прва порака во новата година денес, зборуваше за општество кое станува "ладно и пресметливо" и кое е лишено од чувството на сомилост.
За време на мисата, папата Франциско рече дека оние со "нарцисоидни срца страдаат од губење на нишките кои нè поврзуваат и чувството за припадност во општеството".
Папата истакна дека на светот му треба поголема понизност и нежност, нарекувајќи ги овие доблести знаци на сила, а не на слабост.
Тој исто така изрази загриженост поради, како што рече, "духовната осиромашеност".