Yusuf Özcan
06 Јануари 2019•Ажурирај: 07 Јануари 2019
ПАРИЗ (АА) - Улиците на Париз денес осамнаа во тишина, но и во вознемирувачките глетки на изгорените автомобили, запалени за време на синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата, јавува Andolu Agency (AA).
Популарно наречените „Жолти елеци“ и синоќа протестираа во Париз и во другите француски градови, а во центарот на градот на Сена, дојде и до судири меѓу полицијата и демонстрантите.


Најмногу запалени автомобили имаше на булеварот „Сен Жермен“, кој беше средиште на жестоките судири на полицијата и демонстрантите кои протестираат со недели поради сѐ поскапиот живот во Франција и поради сѐ поголемата наводна рамнодушност на претседателот Емануел Макрон.
Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, синоќа соопшти дека на протестите во Франција учествувале најмалку 50.000 демонстранти, додека организаторите на протестите тврдат дека станува збор за многу поголема бројка.
Движењето „Жолти елеци“ го доби името по флуоресцентните елеци, кои според законот, во автомобилите мора да ги имаат сите возачи во Франција. „Жолтите елеци“ започнаа со протестите во средината на ноември минатата година, поради најавите на француските власти дека ќе го зголемат данокот на горивото. Во протестите загинаа најмалку 10 лица, а околу 1.000 беа повредени. Приведени се над 4.000 луѓе.