Ivana Ramadanova
21 Октомври 2016•Ажурирај: 22 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) соопштија дека вчера до Основниот суд Скопје 1 се поднесени предлози за мерки на претпазливост за две осомничени лица во истрагата со случајот „Тендери“, јавува Anadolu Agency (AA).
Од СЈО велат дека со предлозите е побарано од судот осомничените лица да се јавуваат еднаш неделно, односно секој вторник во 10 часот кај определено службено лице во Основниот суд Скопје 1 Скопје.
„Воедно, за двете осомничени лица е побарано определување и мерка на претпазливост –одземање патна исправа, поради постоење на околности кои упатуваат на опасност од бегство“, стои во соопштението.
„Тендери“ е истрага што СЈО ја објави вчера, а се однесува на изведувањето градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, заедно со истрагата „Топлик“ во врска со продажбата на градежна парцела за изградба на резиденцијалната насeлба „Сончев град“.
Инаку, денеска во текот на денот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, треба да се појават на распит кај судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд.
Откако СЈО на вчерашната прес-конференција ги претстави двете нови истраги под името „Топлик“ и „Тендери“, министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески ги негираа тврдењата на СЈО.