Mahmoud Barakat
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
АМАН (АА) - Новоназначениот американски државен секретар, Мајк Помпео, денес застана во одбрана на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, што ја донесе кон крајот на минатата година, за признавање на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој на оваа тема се осврна на денешната заедничка прес-конференција со својот јордански колега, Ајман ал Сафади, во рамките на неговата посета на Јордан.
Помпео истакна дека одлуката на Трамп од 6 декември, за признавањето на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, не се однесува на суверените граници на градот, истакнувајќи ја континуираната поддршка на Вашингтон за дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт.

Тој, исто така, нагласи дека американската администрација го повикува палестинското раководство да се врати на преговарачка маса со Израел, додавајќи дека САД го поддржуваат правото на Израел да се брани.
Американскиот државен секретар рече дека не треба да се дозволи Сирија да стане безбедно засолниште на терористичката група ДЕАШ, истакнувајќи дека многу земји, меѓу кои и САД, придонесоа за деескалација на кризата во таа земја.
Тој додаде дека употребата на хемиско оружје нема да се толерира.
Министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман ал Сафади, од своја страна, рече дека Јордан, исто така, го поддржува дводржавното решение за конфликтот на Блискиот Исток, нагласувајќи ја потребата за осигурување на постоењето независна палестинска држава.
Истакнувајќи дека палестинско-израелските преговори треба да продолжат што е можно поскоро, јорданскиот шеф на дипломатијата додаде: „Нашата цел, како и онаа на САД, е да создадеме регион без конфликти“.
Во текот на денот Помпео треба да се состане и со јорданскиот крал Абдула II.