Husamedin Gina
14 Февруари 2019•Ажурирај: 15 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче и вицепремиерот Бујар Османи, денеска ги посетија повредените граѓани во сообраќајната несреќа што се случи на патот Скопје -Тетово, кои се згрижени во болницата „8-ми Септември“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за здравство, Венко Филипче, во изјавата за медиумите дадена веднаш по посетата, ги соопшти официјалните информации, според кои во вчерашната сообраќајна несреќа животот го загубиле 14 лица, а во критична состојба во моментот се 4 пациенти.
„Во овој момент во болницата „8-ми Септември“ има 4 пациенти кои се во Одделот за интензивна нега и се во критична состојба и уште дополнителни тројца пациенти во Клиничкиот центар, исто така, во Одделот за интензивна нега, врз кои во текот на ноќта се изврши хируршка интервенција, и кои утрово се во критична состојба. Искрено се надевам дека овие 7 пациенти ќе ја надминат оваа криза и дека понатаму ќе го продолжат лекувањето надвор од интензивната нега на соодветните оддели“, соопшти Филипче.
Тој, исто така истакна дека во болницата „8-ми Септември“ се примени 37 лица, 8 на скопските клиники, двајца во тетовската болница, а една патничка била хоспитализирана во старата Градска болница.
Премиерот Зоран Заев по посетата упати благодарност до сите клинички центри, пожарникари, полицајци и до сите други за помошта при спасувањето на патниците.
„Сакам да ја искористам можноста да се заблагодарам од името на Владата за солидарноста и хуманоста на нашите сограѓани од селото кои притрчаа во првиот момент и буквално покажаа човечност, големина дека сѐ уште има луѓе. И навистина, нивната помош веројатно за голем дел од луѓето била и од пресудно значење. Тоа е сериозна хумана порака до сите граѓани“, рече Заев.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека ја споделува големата тага што ја има цела јавност во Македонија, рече дека Владата е подготвена да помогне во сѐ што треба за повредените, секако и за семејствата на загинатите.
Според директорот на болницата „8-ми Септември“, Христијан Костов, возачот имал телесни повреди и е пуштен на домашно лекување.
Патнички автобус вчера попладне излета и се преврте во близина на селото Ласкарци на излезот од Скопје кон Тетово, а во тек е утврдувањето на причините за несреќата.