Mustafa Deveci
13 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
РАМАЛА (AA) - Во текот на масовните демонстрации под називот Голем марш за враќање, на границата на Појасот Газа и Израел ранети се повеќе од 100 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу 112 ранети се наоѓаат и 10 здравствени работници. Некои лица се во тешка здравствена состојба, соопштено е од Министерството за здравство во Газа.
И покрај израелските закани, Палестинците продолжуваат со мирни демонстрации со кои сакаат да укажат на проблемите со кои се соочуваат. Палестинците петочната молитва (џума намаз) ја извршија во близина на границата после што почнаа масовни демонстрации.
Во пограничното место Хан Јунус интервенираа израелските војници кои користеа гумена и боева муниција и солзавец. Ранети се најмалку 112 лица.
Протестите се одржани и во Рамала, Наблус и на други места на Западен брег. Според последните информации, меѓу ранетите се наоѓа и фоторепортерот Мухамед ел-Хеџар, кој го следеше настанот.
Илјадници Палестинци на границата со Газа веќе три недели по ред мирно протестираат и го одбележуваат Денот на земјата за да се присетат на 30 март 1976 година кога Израел од нив одзел илјадници хектари земјиште.
Денот на земјата се одбележува во Палестина од 1976 година, и тоа, на некој начин е симбол на отпорот на Палестинците за да ја добијат назад својата земја, а воедно и да укажат на одговорноста на меѓународната заедница за заштита на правата на палестинскиот народ, основање на независна држава Палестина и враќање на палестинските бегалци.
Палестинците во петок на границата со Газа почнаа мирен Марш на големо враќање кој со различни манифестации ќе трае шест седмици.