Ali H. M.Abo Rezeg
13 Април 2018•Ажурирај: 14 Април 2018
АЛЕПО (АА) - Денес во сирискиот Ал Баб, во подрачјето на Алепо, пристигна 19. конвој кој пренесува цивили и борци на опозицијата од Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
Конвојот од 38 автобуси превезува 1.477 лица, вклучувајќи 583 деца и 353 жени, кои ќе бидат донесени во подрачјето Азаз каде ќе им биде обезбедено привремено сместување во камповите.
Според проценките, со последниот конвој, од почетокот на евакуацијата на 22 март, Источна Гута досега ја имаат напуштено повеќе од 57.500 лица.
Според репортерите на АА во оваа област, евакуациите од различни делови од Дума и Источна Гута се во тек.
Со операцијата „Штитот на Еуфрат“ на турските сили, која беше започната кон крајот на 2016 година, е ослободено подрачјето на Ал Баб од терористичката организација ДЕАШ.
Операцијата која заврши во март минатата година, во голема мерка успеа да ја расчисти турско-сириската гранична област од присуството на терористите.
Евакуациите се спроведени како дел од Договорот меѓу режимот на Асад и вооружените опозициски групи, со посредство на Русија.
На 24 февруари, Советот за безбедност на ОН едногласно ја усвои Резолуцијата 2401, која повикува на прекин на огнот во Сирија (особено во Источна Гута), за да се овозможи достава на хуманитарна помош.
И покрај Резолуцијата, сепак, режимот и неговите сојузници во почетокот на март започнаа голема офанзива со поддршка на руските сили, со цел заземање на деловите во подрачјето кои се под контрола на опозицијата.
Припадниците на режимот на Асад, со воздушна поддршка на Русија, на 19 февруари започнаа акција за преземање на контролата врз Источна Гута, а оттогаш се убиени над 1.400 лица.
Оттогаш се вршат интензивни напади врз наведеното подрачје во кое, според претпоставките, живеат околу 400.000 луѓе.
Во нападите се убиени многу цивили, а неколку илјади останаа без покрив над главата и беа принудени да одат во засолништа и подруми.