СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје продолжува парламентарната конференција „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“ со сесија на тема „Развој на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа: Улогата на ОБСЕ“, јавува Anadolu Agency (AA).
Главен говорник на денешната сесија е министерот за надворешни работи Никола Поповски, а во рамките на сесијата ќе се одржи и тркалезна маса со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и во Србија.
„Активностите на ОБСЕ во континуитет се имплементираат преку заеднички програми во функција на клучните државни приоритети. На овој начин ги поттикнуваме реформските процеси истовремено исполнувајќи ја европската агенда. Особено важна е улогата на ОДИХР во мониторингот на изборните циклуси, години наназад, но и изборни циклуси што допрва следуваат", истакна Попоски.
- Македонија: Охридскиот договор и меѓуетнички дијалог, главните области на мисијата на ОБСЕ во Македонија
Шефот на мисијата ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен, во своето обраќање се осврна на дел од областите каде што мисијата на ОБСЕ во Скопје работи со градењето на институциите, истакнувајќи дека главниот дел од нивниот мандат е спроведување Охридскиот Рамковен договор и давање целосна поддршка за тоа, како и поддршка на меѓуетничкиот дијалог и рано предупредување поврзано со различни безбедносни предизвици.
„Севкупниот приоритет е Охридксиот Рамковен договор кој претставува рамка за нас, а работата е фокусирана во негување на меѓуетничките односи и зацврстување на демократското владеење. Би сакале да се осигураме дека се применуваат соодветни политики за подигнување на ефективноста на институциите и обезбедување транспарентност и консултации со граѓаните. Нашата мисија на оваа поле работи со локалната и централната власт како и со граѓанското општество за иницијативи кои што го поддржуваат принципите за за демократско владеење на Охридскиот Рамковен договор", потенцираше Суомалаинен.
Втората област, истакна Суомалаинен, каде што ОБСЕ е навистина активно, е Пржинскиот договор кој има поддршка и експертска помош во процесот на олеснување и спроведување на сите страни на овој договор.
„Ова секако се поврзува со изборите и мисијата на ОБСЕ тука дава голема поддршка и соработува со Државната изборна комисија за да ги реши потенцијалните недостатоци и изборното законодавство како и процедурите со избирачкиот список. Тековната соработка со ДИК треба да биде на долг рок затоа што веруваме дека е важно да се поддржуваат капацитетите и развојот, особено секретаријатот од оваа област каде што сме навистина активни. Работиме заедно со експертите од ОДХР", подвлече Суомалаинен.
Во областа на развојот на институциите и владеењето на правото, Суомалаинен истакна дека ОБСЕ продолжува да го поддржува понатамошното зацврстување на судскиот систем и унапредување на правните реформи како што е кривичниот законик и неговата примена, додавајќи дека се промовира учество на сите заедници во јавниот живот што според неа е важна алатка за обезбедување на еднаков пристап на сите граѓани до правдата.
„Неодамнешен предизвик со кој што се соочивме и каде што исто така дадовме поддршка во градењето на институциите, е приливот на мигранти. Изминатата година кога приливот на мигранти беше на највисоко ниво, ние спроведувавме надзор врз настаните поврзани со безбедноста и приливот на мигранти и сите прашања поврзани со овој феномен на јужната и северната граница на земјата. Исто така дававме поддршка на граничната полиција, и на управувањето со границите", истакна Суомалаинен.
- Мур: Еден терористички напад во БиХ може да ја подели земјата
Шефот на мисијата на БиХ, Џонатан Мур истакна дека ОБСЕ како мисија во оваа земја започна со крајот на војната, но и покрај тоа што имаат многу алатки за решавање на проблемите вклучувајќи ги и институциите во земјата и меѓународната заедница, не успеееја да ги решат сите проблеми. „Бевме охрабрени да и помогнеме на една земја која доживеа многу лоши злосторства за време на војната.
Вие доаѓате од регионите каде што има жртви на тероризмот и многумина од вас се дел од државите каде што има суверенитет и демократија, но за жал БиХ нема традиција за суверенитетот и демократија. Ние сме загрижени дека еден терористички напад во БиХ ќе ја поделеше државата", изјави Мур, истакнуваќи дека оваа држава продолжува да биде една засегната земја.
Повикувајќи се на проблемите со кои се соочува БиХ, Мур ги критикуваше училиштата поделени врз етничка припадност, случаите на дискриминација во Република Српска, референдумот во Република Српска, корупцијата како и обвиненијата и пресудите за воените злосторства кои треба процесираат во БиХ.
Вршетелот на должноста шеф на мисијата на ОБСЕ во Албанија, Роберт Џон во своето обраќање ја исткана соработката на ОБСЕ со албанските институции, како и проектите кои го поддржуваат развојот на земјата. Тој истакна дека ОБСЕ е активен во многу области, како што е полето со борбата против корупцијата, трговијата со луѓе и децентрализацијата на Албанија.
„Ние со нашата работа се фокусираме на принципијапни области.Ние гледаме каде нашата мисија е најпотребна и каде што нашата експертиза во партнерство со оваа земја може да има повеќе влијание, рече Роберт Џон.
- Презентирани активностите на ОБСЕ и во Косово, Црна Гора и Србија
Во рамките на парламентарната конференција на тема „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ", презентирани беа активностите и на мисиите на ОБСЕ во Косово, Црна Гора и Србија.
Јан Брату, шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово презентирајќи ја работата на оваа организација во Косово, истакна дека мисијата на ОБСЕ работи на три главни проблематични области: човекови права, демократизација и јавна безбедност.
„Имаме блиска соработка со другите меѓународни институции како и со централната и локалната власт. Во работата се вклучени 530 луѓе, на теренот сме присутни со пет регионални канцеларии и 30 теренски мисии", рече Јан, додвајќи дека регионалните тимови служат како битен мост помеѓу заедниците и институциите во државата.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово рече дека заштитата и промовирањето на човечките права се клучните области во кои работи мисјата, а исто така големо внимание обрнува и на проблемите со раселеноста и заштита на културно наследство и права на имотите. „Мисијата промовира толеранција, организирајќи настани за верски дијалог. Работиме на промоција на социјална кохезија меѓу младите луѓе од различни етнички групи, со спортски активности.Ние ги охрабруваме да ги надминат стереотипите и предрасудите", додаде Брату, кажувајќи дека меѓу другото мисијата е вклучена во инклузија и интеграција на помалите ентички заедници кои живеат на територијата на Косово. Брату напомена дека ОБСЕ е вклучен во дијалогот помеѓу ЕУ и Приштина во 2012, 2014 и годинава.
Независното функционирање на институциите и нивната функционалност се приоритетите на кои мисијата на ОБСЕ посветено работи, за што Брату истакна дека е постигнат значителен успех во изминатите три години.
- ОБСЕ ќе го набљудува изборниот процес во Црна Гора
Дан Ретфорд, вршител на должноста шеф на мисијата на ОБСЕ во Црна Гора, своето излагање го започна со активностите на мисијата во врска со престојните избори во оваа земја.
„Во Црна Гора ќе се одржат избори за неколку недели. Мисијата на ОДИХР веќе е на терен и ќе го издаде првиот извештај, очекуваме тоа да го направи и делегација од Советот на Европа. Оваа година за прв пат ќе имплементираме проект за техничка помош за поддршка на изборите. Имаме двајца експерти во комисијата за избори и еден за мониторинг на медиумите", рече Ретфорд.
Џовани Габаси од мисијата на ОБСЕ во Србија презентирајќи ги активностите на ОБСЕ во оваа земја истакна дека имаат добра соработка со парламентарното собрание во Србија. Тој потенцираше дека Србија ја искористи меѓународната експертиза постигнувајќи напредок во многу клучни области за нејзиниот развој.
- Србија минува низ општествени и институционални реформи
„Законодавната рамка во Србија е унапредена, земјата е вклучена во реформи кои ги покажуваат нивните аспирации. Минуваат низ општествени и институционални промени. Мисијата на ОБСЕ се стреми да работи во сите области со тоа што ќе ја помогне работата на институциите", рече Габаси, наведувајќи дека мисијата работи да ја подобри инклузивноста на сите општествени чинители.
Според зборовите на Габаси, подобрувањето на системот на правда, зацврсување на надзорна улога на парламентот како независно тело,подобрување на Законот за родова еднаквост се само дел од работите кои се во фоусот на мисијата на ОБСЕ во Србија.
Меѓу другите активности, истакнати се и соработката со парламентарна мрежа на жените, поддршката на реформите за законите кои се однесуваат на малцинствата, со цел овозможување меѓуетнички дијалог. Во рамките на Петнаесеттата Есенска сесија на ПС на ОБСЕ утре ќе се одржи и третата сесија „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција врз основа на човековите права.
На оваа сесија говорници ќе бидат Изабел Сантос- потпретседател на ПС на ОБСЕ, Оливер Спасовски- министер за внатрешни работи на Република Македонија и Филипо Ломбарди, претседавач на Комитетот за миграции на ПС на ОБСЕ.
news_share_descriptionsubscription_contact


