Admir Fazlagic
20 Мај 2016•Ажурирај: 21 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на покана на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денес во седиштето на НАТО во Брисел, учествуваше на редовниот Состанок на ниво на министри за надворешни работи, во формат Северно-атлантски совет на НАТО и оперативните партнери во мисијата Решителна подршка во Авганистан, соопштија од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Министрите за надворешни работи на земјите кои учествуваат во мисијата “Решителна поддршка’’ разговараа за продолжување на мисијата во текот на 2017 година, за понатамошната подршка на финансиската одржливост на авганистанските безбедносни сили, силната политичка и практична соработка со земјата, како и улогата на НАТО Алијансата и нејзините партнери во обезбедување на сигурна и просперитетна иднина на земјата и региoнот", стои во известувањето на Министерството за надворешни работи.
Понатаму, се наведува дека од македонската страна беше нагласена подготвеноста за понатамошна поддршка на НАТО во меѓународните мировни операции и посебно во мисијата “Решителна поддршка“ во рамки на нашите капацитети и способности, со цел градење на стабилна и безбедна иднина за Авганистан и регионот.
На маргините на состанокот министерот Попоски оствари билатерални средби со помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу, како и со министрите на Грција, Бугарија и Холандија залагајќи се во насока на побрзо остварување на евроатланските амбиции на Република Македонија, информираат од МНР.