Ekipa
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
ОСТИН (АА) - Полицијата денес соопшти дека лицето осомничено за серијата бомбашки напади во Остин, главниот град на американската сојузна држава Тексас, се убило со активирање експлозивна направа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Началникот на полицијата во Остин, Брајан Манли, изјави дека осомничениот 24-годишен белец се разнел во неговиот автомобил на автопатот додека го опколувале припадниците на специјалните сили.
Во Остин во изминатите три недели се случија четири експлозии на темпирани бомби во кои загинаа две лица, а четири беа повредени. Последната, петта бомба, експлодираше во Сан Антонио.
Манли на прес-конференцијата изјави дека веруваат оти осомничениот бомбаш бил одговорен за сите експлозии во Остин, но наведе дека е прерано да се зборува за тоа дали дејствувал сам. Властите сè уште не ги знаат неговите мотиви.
Агентите на Федералното истражно биро (ФБИ) покренаа истрага на местото на настанот.