Övünç Kutlu
04 Август 2017•Ажурирај: 05 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Според просекот на годишните трошоци на едно семејство во САД произлезгува дека најскап град во оваа земја е Сан Франциско.
Американската компанија за финансиски услуги „GoBankingRates“, ги спореди трошоците за кирија, кредити за станови и основните трошоци на семејствата во 50 најголеми градови во САД со нивниот годишен прилив на средства.

Според податоците кои Аnadolu Agency (AA) ги доби од „GoBankingRates“, Сан Франциско е најскап град за живеење, споредувајќи ги трошоците за кирија, кредити за станови и основните трошоци на 50 најголеми градови во САД со годишните примања на семејствата во овој град. Интересен е фактот дека во 39 од 50 града во САД, просечните годишни примања се под трошоците потребни за живот во тие градови.
- Сан Франциско го следат Њујорк и Лос Анџелес -
Според овие податоци, во Сан Франциско, град во сојузната држава Калифорнија, на едно семејство му се потребни годишно повеќе од 110.000 долари за да може нормално да живее. Во просек годишните примања на семејствата во Сан Франциско се под нивото на 81.200 долари.
Сан Франциско е центар на технолошките гиганти „Apple“ (Апл) и „Google“ (Гугл) и во подрачјето на заливот, висината на киријата во просек изнесува 4.500 долари. Цената на куќите во просек е на ниво од 1.200.000 долари.
Во Њујорк, кој се смета за финансиски центар на САД, едно семејство да може нормално да живее, годишно му е потребен финансиски прилив од 86.400 долари. Просечниот прилив на средства на семејство во Њујорк во просек изнесува 53.300 долари.
Во Њујорк се наоѓаат 50 од 500 најголеми компании во САД и кириите во овој град во просек изнесуваат 2.700 долари. Цената на становите во просек достигнува 775.000 долари.
Третото место меѓу најскапите градови во САД го делат Мајами и Лос Анџелес. Во двата града за нормален живот на едно семејство потребни се во просек 76.000 долари. Просечните примања на семејствата во Мајами изнесуваат 31.000 долари, додека во Лос Анџелес тие изнесуваат 50.000 долари.
Во Мајами, кој во светот е познат по своите плажи, месечната кирија изнесува 4.500 долари, а цената на куќите во просек е 439.000 долари.
Во Лос Анџелес, каде што се наоѓа Холивуд - центарот на филмската индустрија, месечната кирија изнесува околу 4.000 долари, додека сопственик на дом можете да станете за околу 725.000 долари.
- Два од најевтините градови во САД се наоѓаат во сојузната држава Тексас -
Од друга страна, за нормален живот на едно семејство во САД и истовремено создавање заштеда, потребно е да изберете град кој е помалку популарен.
Меѓу 50 најголеми градови во САД во кои трошоците за живот се помали, а становите се евтини, Ел Пасо, градот во сојузната држава Тексас излегува во преден план.
За нормален живот на едно семејство во Ел Пасо годишно, во просек му се потребни нешто повеќе од 40.000 долари. Годишните примања на семејствата во овој град во просек изнесуваат околу 42.800 долари.
Трошоците за кирија во Ел Пасо се околу 1.100 долари, додека цените на куќите изнесуваат околу 155.000 долари.
Во сојузната држава Тексас се наоѓа и градот Арлингтон во кој е сместен стадионот АT&T, еден од најголемите во светот со капацитет од 80.000 гледачи, кој важи за еден од најевтините градови во САД.
Едно семејство во Арлингтон во просек има годишен прилив на средства од 53.300 долари, додека трошоците за живот во овој град изнесуваат 46.400 долари.
Киријата во Арлингтон во просек изнесува 1.500 долари, а еден стан во просек може да се купи за 199.000 долари.
- Најпогоден град за заштеда е Вирџинија Бич -
Во најисточниот дел на сојузната држава Вирџинија, на брегот на Атланскиот Океан, се наоѓа градот Вирџинија Бич, кој меѓу 50 најголеми градови во САД е град најпогоден за заштедување.
Годишниот прилив на средства на едно семејство во Вирџинија Бич во просек изнесува 66.600 долари, додека просечните трошоци на семејство во овој град изнесуваат 52.600 долари. Споредувајќи ги бројките може да се забележи дека семејствата во овој град, месечно заштедуваат во просек 1.000 долари.
Месечната кирија во Вирџинија Бич изнесува 1.600 долари, а сопственик на дом можете да станете за 280.000 долари.