Merve Aydoğan
10 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Свршеницата на исчезнатиот саудиски новинар, Џамал Кашоги, јавно побара помош од американскиот претседател, Доналд Трамп, и неговата сопруга за расчистување на околностите за неговото исчезнување, јавува Anadolu Agency (AA).
Хатиџе Џенгиз ја поднесе молбата синоќа во „Вашингтон пост“, весникот за кој Кашоги пишуваше пред да влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, по што повеќе не е виден.
„Ова е со сигурност: Тој влезе во Конзулатот, но не постои доказ дека излегол од таму“, напиша Џенгиз.
„Го замолувам американскиот претседател Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, да помогнат во расветлување на случајот за исчезнувањето на Џамал. Исто така, ја повикувам Саудиска Арабија, особено кралот Селман и принцот Мухамед бин Селман, да покажат исто ниво на чувствителност и да ја откријат снимката од видеонадзорот во Конзулатот“, додаде таа.
Велејќи дека таа и Кашоги планирале да се венчаат и отишле до Конзулатот да ги земат потребните документи, Џенгиз изјави дека не се ни сомневала дека би можело да му се наштети на нејзиниот свршеник во дипломатското претставништво, бидејќи тоа би претставувало прекршување на меѓународното право.
Откако го чекала три часа пред зградата на Конзулатот, Џенгиз рече дека била исплашена и загрижена.
„Им напишав порака на неколку пријатели за да ги информирам и прашав за Џамал во конзуларната зграда. Добив одговор кој дополнително ги зголеми моите стравови: Џамал веќе замина, ми рекоа тие, можеби не сум забележала“, напишаа таа.
Таа ги поздрави напорите на турските власти, велејќи: „Сум била сведок на работата на турските власти бидејќи тие ја набљудуваат ситуацијата одблизу. Сигурна сум во способноста на официјалните претставници на турската Влада“.
Според извештаите на турската полиција, додека Кашоги се наоѓал во Конзулатот, 15 Саудијци, вклучувајќи и неколку официјални претставници, пристигнале во Истанбул со два авиони и влегле во Конзулатот.
Обвинителите од Истанбул го истражуваат случајот, додека Конзулатот на Твитер објави дека работат во соработка со турските власти.
Турција во понеделникот го пренесе своето очекување за целосна соработка од Саудиска Арабија во потрагата по исчезнатиот новинар.
Според дипломатски извори, Саудиска Арабија вчера ги поканила турските експерти и релевантни официјални претставници да го посетат Конзулатот.