ВАШИНГТОН (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во текот на посетата на Вашингтон, изјави дека Турција е решителна да отвори нова страница во односите со Соединетите Американски Држави (САД) во согласност со дблабоко вкоренетото сојузништво со таа земја, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Остануваме посветени на нашиот договор со САД заради трајно решение за кризата во Сирија", рече Ердоган на конференцијата за медиумите по состанокот со американскиот колега Доналд Трамп.
Додаде дека десетици илјади недолжни лица загинале бидејќи повикот на Турција за воспоставување на безбедносна зона не е спроведен на време.
- Ердоган: „ФЕТО за нас е водач на терористи"
Ердоган истакна дека во текот на разговорот со претседателот Трамп го повторил барањето да се запре присуството на терористичката организација ФЕТО во САД.
„Прикажавме многу документи (во врска со екстрадицијата на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен), посебно во текот на оваа посета. Се надевам дека, во согласност со приложените документи, и тие нам ќе ни го испорачаат овој терорист онака како ние што на нив им ги испорачуваме терористите кога ги бараат", рече Ердоган.
Истакна дека Турција и САД само со дијалог можат да ги надминат предизвиците во врска со системот S-400 и F35.
„Сметаме дека не треба да се мешаат политичките и економските прашања. Нашите министри напорно работат за да биде остварена целта од 100 милијарди долари трговска размена", рече Ердоган, напоменувајќи дека нивните две земји исто така можат заедно да работат на воспоставување на мирот и стабилноста во Сирија и потполно да ја отстранат терористичката организација ДЕАШ.
Истакна дека Турција нема проблеми со Курдите, туку со терористичките организации, ПЈД и ЈПГ.
„Моментално мојата партија има повеќе од 50 курдски пратеници во Парламентот. Немаме проблеми со Курдите", рече Ердоган и истакна дека е многу важно да се продолжи борбата против тероризмот.
„Терористите не се делат по раса, нација, религија, татковина. Терорист е терорист. Ако не се борите против тероризмот, тогаш утре ќе платите уште повисока цена поради таквиот пристап", рече Ердоган и додаде дека е жално да се види дека американскиот претседател сериозно го сфаќа терористот Ферхат Абди Шахин.
Турскиот претседател се осврна и на тврдењата на Ерменија за настаните од 1915 година, изјавувајќи дека Турција поддржува отворен дијалог и дебата во овој контекст.
„За случај настанат пред 104 години во услови на војна, одлука не треба да носат политичари, туку историчари“, рече Ердоган.
- Трамп: „Имавме плоден и успешен состанок со Ердоган"
Американскиот претседател Трамп истакна дека со претседателот на Турција, Ердоган, имал многу плоден и успешен состанок.
„Претседателот на Турција, Ердоган, се бори против тероризмот исто како и ние", рече Трамп, додавајќи дека тој и Ердоган барале од нивните соработници „веднаш да работат на решавањето на прашањето за S-400".
Трамп напомена дека Турција на бегалците потрошила 40 милијарди, а Европа 3 милијарди долари, додавајќи дека е потребно заробениците на ДЕАШ да се испратат назад во Европа.
Нагласи дека Турција помага многу во борбата против ДЕАШ, фаќајќи ги сите терористи на ДЕАШ кои бегаат од затвори под контрола на ЈПГ/ПКК.
„Претседателот Ердоган исто така има многу добри односи со Курдите. Во Турција има многу Курди и во таа земја и таму ги имаат сите можности“, рече Трамп.
Меѓу другото, претседателот на САД, осврнувајќи се на турско-американските односи рече: „Сојузништвото на Турција и САД се многу важна сила за НАТО и Блискиот Исток.“
Нагласувајќи дека двете земји имаат многу добри односи, претседателот Трамп истакна: „Ердоган прави прекрасни работи за турскиот народ.“
Напомена исто така дека САД и Турција „постигнале огромен напредок" во целта на постигнување на обемот на билатералната трговска размена во износ од 100 милијарди долари.