Bekim Laci
20 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) го поздрави ратификувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција на кое му претходеа храбри чекори на владите на двете земји, заедно со повикот за инклузивни процеси кои треба да ја придружуваат неговата имплементација, изјавија денес во Скопје ко-известувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постмониторинг-дијалогот со Македонија, Лиза Кристоферсен од Норвешка и Валериу Гилечи од Молдавија, јавува Anadolu Agency (AA).
Констатациите на двајцата известувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа беа соопштени на прес-конференција, по дводневниот престој во Македонија, при што тие го оценија реформскиот процес, како и процесот кој го придружува спорот за името, кој, како што рекоа, ги остави во сенка сите други прашања во земјата.
„Овој договор е само почеток на еден долг процес кој може да стави крај на еден спор кој трае повеќе од 27 години, и тој го спречуваше развојот на Поранешната Југословенска Република Македонија. Идентитетските прашања кои се вклучени во Договорот, со декади предизвикуваат остри емотивни реакции, кои останале кај дел од општеството“, рече Кристоферсен, која упати апел до страните кои се вклучени, да ја осудуваат реториката која поттикнува насилство.
„Луѓето треба самите да одлучат, затоа ја поздравуваме најавата за одржување на референдум оваа есен, за да им се даде можност на граѓаните да ја определат визијата која ја имаат за нивната земја“, додаде Кристоферсен. Според неа, потребен е дијалог со опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ како единствена парламентарна партија која е против Договорот со Грција.
Валериу Гилечи ги коментираше предупредувањата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, дека нема да го потпише ратификувањето на Договорот со Грција.
Според него, Претседателството треба да дејствува во согласност со надлежностите кои му ги дава Уставот, и во случајот на Македонија, ако се предизвикува блокирање на процесот, тогаш страните треба да се упатат до Уставниот суд за да побараат помош.
„Во една слична ситуација во нашата земја, Уставниот суд најде решение за излез од блокадата која ја имавме. Вчера се сретнавме со вашите уставни судии. Дознав дека тие се свесни за тоа како дејствуваше Уставниот суд на Молдавија во тој случај“, додаде Гилечи.
Целиот извештај на двајцата известувачи за општата ситуација во земјата, ќе биде објавена наредната година.