İnci Gündağ
10 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, изјави дека НАТО е камен-темелник за безбедноста на Велика Британија и дека земјата со задоволство ја извршува својата улога во тој сојуз, јавува Anadolu Agency (АA).
Денес, во Лондон, Меј се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а непосредно пред почетокот на средбата изјави дека сака на првиот човек на Северноатлантскиот воен сојуз да му ја потврди посветеноста на Велика Британија на членството во таа организација.
Меј истакна дека Велика Британија ги исполнува своите обврски во НАТО, и оти моментално во базите во Естонија и во Полска се наоѓаат речиси илјада британски војници, а во Црното Море дејствуваат авионите „тајфун“ на кралските воздушни сили.
„Голема важност придаваме и на одредбата за задолжително издвојување два отсто од бруто домашниот производ за потребите за одбрана и издвојуваме 20 отсто од тие средства за опрема“, изјави Меј.
Столтенберг изјави дека со премиерката Меј денес ќе разговара и за подготовките на самитот на НАТО, кој во Брисел ќе биде одржан на 25. мај.
Тој изјави дека борбата против тероризмот и поделбата на обврските ќе бидат главни теми на самитот, и оти Велика Британија е позитивен пример за пристапот кон тие прашања.
На самитот во Брисел ќе се зборува и за продолжување на присуството на НАТО во Авганистан, новите мерки во борбата против тероризмот и терористичката организација ДЕАШ, како и за придонесот на НАТО во таа борба.