Faisal Mahmud
25 Ноември 2026•Ажурирано: 25 Ноември 2026
Регулаторот за комуникации на Малезија денес соопшти дека поднел две тужби против американскиот технолошки гигант „Гугл“, барајќи 600 милиони малезиски рингити (146 милиони долари) отштета поради наводниот неуспех на компанијата да се справи со штетните содржини на Јутјуб, јавува Анадолу.
Малезиската комисија за комуникации и мултимедија (МЦМЦ) соопшти дека тужбите се однесуваат на прекршување на законските обврски и условите за лиценцирање. Во секоја од тужбите се бара отштета од 300 милиони рингити (73 милиони долари).
Во првата тужба се наведува дека „Гугл“ не успеал соодветно да реагира на илјадници случаи на штетни содржини, вклучително и онлајн коцкање, измами и финансиски измамнички активности.
Комисијата соопшти дека од 1 јануари до 28 октомври до Јутјуб доставила 74.703 пријави, од кои 74.569, или 99,8 проценти, се однесувале на онлајн коцкање.
Во втората тужба се наведува дека „Гугл“ не успеал да спречи повторно објавување незаконски содржини од малезискиот блогер Ван Мухамад Азри Ван Дерис, познат како Папагомо, и покрај привремената судска забрана издадена на 19 јуни од Високиот суд во Куала Лумпур.
Комисијата соопшти дека бара отштета за да ги надомести трошоците за справување со повеќе од 50.000 случаи на штетни содржини и да ги одврати идните прекршувања.
Таа ги повика платформите на социјалните мрежи да ги почитуваат Законот за комуникации и мултимедија од 1998 година и Законот за онлајн безбедност од 2025 година, нагласувајќи ја потребата од заштита на корисниците, особено на децата.