Ivana Ramadanova
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катиќ, која е во официјална посета на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов изрази задоволство од севкупните билатерални односи меѓу двете земји и ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка меѓу Македонија и Словенија.
Македонскиот претседател изрази благодарност од досегашната отворена и безрезервна поддршка од Словенија во однос на македонските аспирации за членство во НАТО и промовирањето на нашата кандидатура, како и за досегашната принципиелна поддршка во процесот на европската интеграција на Македонија.
На средбата беа разменети мислења околу развојот на случувањата во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за безбедносните предизвици на земјите од Југоисточна Европа.
„Македонскиот претседател изрази задоволство од интензивните контакти меѓу министерствата, армиите и другите надлежни служби на двете земји, со цел превенција и менаџирање со мигрантската криза и преземање заеднички мерки во услови на евентуален нов мигрантски бран на балканската рута. Воедно, претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка од Словенија при справувањето со мигрантската криза, како и за присуството на словенечката полиција на македонско-грчката граница“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.
Министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катиќ во рамките на нејзината посета на Република Македонија се состана и со министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, со премиерот Емил Димитиев и со лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.