Ekipa
20 Април 2016•Ажурирај: 21 Април 2016
БРИСЕЛ (АА) - На состанокот на Советот на НАТО со Русија, кој денес се одржа за прв пат од 2014 година, потврдени се непремостливите разлики меѓу Москва и Алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Anadolu Agency (AA).
"Состанокот, кој траеше час и половина повеќе од предвиденото, беше повод за искрена и сериозна дискусија за состојбите во Украина, прашањата поврзани со воените активности на Алијансата и Русија, и за безбедносната ситуација во Авганистан и околината", рече Столтенберг.
"НАТО и Русија имаат длабоки и истрајни разлики. Денешната средба тоа не го промени", додаде шефот на НАТО.
Столтенберг пред состанокот изјави дека на Самитот ќе се дискутира и за најновите воени инциденти во Балтичкото Море. Денешната средба беше прва од 2014 година, на ниво на амбасадори по избивањето на кризата во Украина.
НАТО ги прекина контактите со Русија во знак на протест против спојувањето на црноморскиот полуостров Крим и офанзивите на проруските бунтовници во источна Украина. Сепак, Столтенберг изјави дека е од суштинско значење каналите на комуникација со Москва да се држат отворени.
"Кога тензиите се големи, мислам дека има потреба од отворени канали за политички дијалог, предвидливост и отвореност", рече Столтенберг кој денеска присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во Луксембург.