Barış Seçkin
24 Мај 2017•Ажурирај: 25 Мај 2017
ВАТИКАН (АА) - Во рамките на својата прва турнеја во странство, американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна во официјална посета на Ватикан, каде што оствари средба со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, јавува Anadolu Agency (AA).
Папата Франциско го прими Трамп во Апостолската палата, а пред состанокот фоторепортерите ги фотографираа двајцата високи претставници. Во таа пригода беше јасно видлива разликата во расположението, папата Франциско беше опуштен и насмеан, а вниманието на новинарите го привлече напнатоста и нервозата која ја покажа Трамп.
По полчасовниот состанок на папата Франциско и американскиот претседател Трамп, им се придружи и остатокот од американската делегација во која најмногу внимание привлече првата дама, Меланија Трамп. Таа на средбата пристигна во црн фустан со превез на главата, со што ја испочитува традицијата на Светата Столица, додека три дена претходно, за време на посетата на Трамп на Саудиска Арабија не носеше превез, иако и таму тоа е еден од обичаите, па и многу повеќе од тоа.
Папата на Трамп му подари медалјон со маслиново гранче, симбол на мирот и енцикликата „Laudato Si“, во која се зборува за неопходноста на борбата против климатските промени.
Трамп на папата Франциско му возврати со поклон, збирка дела од Мартин Лутер Кинг.
Американскиот претседател Трамп во продолжение на посетата ќе се сретне со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, а потоа ќе ја посети и Сикстинската капела.
По завршувањето на посетата на Ватикан, се очекува и состанокот на Трамп со италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Во изминатите неколку дена Трамп ја посети Саудиска Арабија, Израел и Палестина, а следната станица на неговата турнеја е Брисел, каде што ќе присуствува на самитот на лидери на НАТО.