Fuat Kabakçı
02 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
ПЕКИНГ (АА) - Властите на Кина воведоа царини за 128 производи кои ги увезуваат од Соединетите Американски Држави (САД), што е еден вид одговор на одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, за воведување царина за кинеските производи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кинеското Министерство за економија соопшти дека одлуката на официјален Вашингтон за воведување царински давачки од 25 отсто на кинескиот челик и десет отсто на кинескиот алуминиум е неприфатлив потег кој е спротивен на нормите на Светската трговска организација (СTO).
Кина, како одговор на американското воведување царина, соопшти дека од денес воведува царина за американските производи во износ од 15 и 25 отсто.
Кина воведе царински давачки за 128 производи што ги увезуваат од САД во вкупна вредност од 3 милијарди долари.
Царина во износ од 15 отсто се воведува за американското овошје, зеленчук, челик, вино и други производи, а царина од 25 отсто за осум американски производи, меѓу кои и за свинското месо што Кина го увезува од САД годишно во вредност од 1,99 милијарди долари.
„Се надеваме дека САД ќе се откажат од кршењето на правилата на Светската трговска организација и ќе ја нормализираат билатералната трговска соработка“, се наведува во соопштението на ресорното кинеско Министерство.
Официјален Пекинг го повика Вашингтон на дијалог како единствен можен начин за надминување на несогласувањата.