Ekipa
26 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Канцеларијата на Државното обвинителство во Истанбул потврди дека денешните претреси на двете вили во северозападната турска област Јалова се извршени во рамките на истрагата за убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се потсетува дека Обвинителството во претходните соопштенија ги откри деталите до кои дошло во истрагата за бруталното убиство на новинарот Кашоги.
„Осомничените со предумисла го убиле Кашоги со давење по влезот во Конзулатот и на парчиња го исекле неговото тело. Со истрагата е утврдено дека во рамките на планот за убиството на Кашоги во Турција на 1 и 2 октомври престојувал еден од осомничените, Менсур Осман М. Абахсаин, и дека на 1 октомври контактирал со саудискиот државјанин Мухамед Ахмед А. Алфаозан, со кодно име „Гозан“, пријавен на адреса на вила во Јалова“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека Обвинителството истражува дали тој контакт бил поврзан со уништувањето или криењето на посмртните останки на убиениот новинар Кашоги.
„Во врска со тоа, издаден е налог за денешниот претрес на вилата и на соседниот објект во местото Самални“, наведува Обвинителството.
Саудискиот новинар и колумнист на американскиот весник „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) Џамал Кашоги, е убиен на 2 октомври во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Турското Обвинителство откри дека Кашоги е задавен веднаш по влезот во Конзулатот, и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Откако првин кажаа дека Кашоги го напуштил Конзулатот, неколку недели подоцна саудиските власти признаа дека тој бил убиен внатре, во Конзулатот.
Истрагата за случајот и понатаму е во тек со фокус на потрагата по посмртните останки на Кашоги.