Ekipa
05 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Во рамките на истрагата во случајот за нерегуларности на јавниот испит за прием за државни службеници во Турција (KPSS), спроведен во 2010 година, Обвинителството во Анкара донесе одлука за приведување на 105 лица, а се работи за сопруги на воени лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската полиција започна акција за приведување во 31 турски град, а досега се приведени најмалку 74 лица. Се работи за сопруги на 105 турски војници, кои учествувале во обидот за пуч во Турција, на 15 јули.
Меѓу осомничените жени има и академски работници, просветни рабoтници, социолози, советници. Исто така, се дознава дека меѓу 105-те осомничени лица, 75 се сѐ уште активни во јавната служба.
АА дознава дека меѓу осомничените се и сопругите на двајца турски полковници, како и сопругите на 14 потполковници, 40 мајори, 40 капетани и четворица натпоручници.
За некои од осомничените е утврдено дека се поврзани со водечките лидери во рамките на ФЕТО, како и дека користеле систем за тајна комуникација во рамките на организацијата, познат како „БајЛок“. Со истрагата за нерегуларности на јавниот испит за прием на државни службеници во Турција (KPSS) беше утврдено дека овие лица ги добиле прашањата пред испитот.
Фетула Ѓулен е водач на терористичката организација ФЕТО, со која беа поврзани паралелните структри во повеќе државни институции, и со злоупотреба на позицијата се обидоа да предизвикаат дестабилизација на земјата, а на 15 јули оваа година извршија неуспешен обид за воен удар во земјата.
Во врска со оваа организација во Турција се водат низа судски процеси во кои се подигнати обвиненија за прислушување, злоупотреба на позицијата и овластувањето, обид за државен удар и други кривични дела.
Случајот крадење на испитни прашања и нивно предавање на одбраните кандидати е еден од клучните за откривање на припадниците на ФЕТО кои се инфилтрирани во државните институции, вклучувајќи ги секторите правосудство, безбедност и одбрана.
Турските власти на 2 февруари побараа од САД да се укине „зелениот картон“ на Фетула Ѓулен. Нему на 28 јануари 2015 година врз основа „давање лажен исказ“ му е поништен турскиот пасош. По јулскиот обид за воен удар, Турција од САД формално побара привремено апсење и испорака на Ѓулен.