Meryem Göktaş
23 Декември 2018•Ажурирај: 24 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на владејачката турска Партија за правда и развој (AK Parti), Омер Челик, изјави дека е очигледно дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е многу вознемирен од предупредувањата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за неопходноста за заштита на загрозените и обесправените, и додаде дека тоа ќе биде така и понатаму, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Обвинет за корупција и измама во сопствената земја, Нетанјаху се обидува да манипулира со меѓународната заедница“, напиша портпаролот на владејачката турска Партија за правда и развој (AK Parti), Омер Челик, на социјалната мрежа Твитер.
Челик нагласи дека Нетанјаху е вознемирен од приговорите на турскиот претседател Ердоган за неопходноста за заштита на загрозените и обесправените луѓе.
„Нетанјаху мисли дека со нападите на нашиот претседател Ердоган и на нашите вооружени сили ќе ја прикрие вистината. Го потсетуваме дека Северен Кипар е независна држава и дека Турција е нејзина најголема поддршка“, порача Челик.
Тој понатаму наведе дека Нетанјаху ја води политиката на државата врз основа на етницитет и религиска припадност и дека не може да ја разбере Турција која не прави разлика меѓу своите граѓани и сите ги смета за граѓани од ист ред.
„Нетанјаху не би смеел да заборави дека Турција, на чело со претседателот Ердоган, им отвори врата и ги згрижи сите луѓе кои во регионот бегаат од тероризмот. Јасно е кој во регионот ги поддржува, а кој се бори против терористичките организации“, наведува Челик.
Тој порача и дека Турција ќе продолжи да говори гласно против неправедните постапки на Израел кон угнетените Палестинци и практиките што го кршат меѓународното право.
Бенјамин Нетанјаху на својот профил на Твитер претходно упати критики кон турскиот претседател во врска со антитерористичите операции на Турција и со кипарското прашање.
„Значајно е тоа што Нетанјаху е вознемирен од операциите што ги спроведува турската армија и безбедносните сили против цели на (терористичката) ПКК, која спроведува терористички дејства врз нашите цивили и обесправените во Сирија, без оглед дали станува збор за жени и деца“, рече Челик.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на речиси 40.000 луѓе.