Tuğrul Çam
19 Април 2016•Ажурирај: 20 Април 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Потпретседателот на САД, Џо Бајден, остро ја критикуваше политиката на израелските власти и порача дека владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху со последните одлуки земјата ја води во погрешен правец, јавува Anadolu Agency (AA).
Еврејската лобистичка организација "J Street" синоќа во Вашингтон организираше собир на кој присуствуваа потпретседателот на САД, Бајден и шефот на американската дипломатија Џон Кери.
Бајден во своето обраќање изјави дека константната политика на израелските власти за изградба на илегални еврејски населби на палестинска земја го води Израел во погрешен правец и го блокира решавањето на блискоисточната криза по моделот на воспоставување две држави.
Истакнувајќи дека САД ја поддржува идејата за воспоставување на две држави, Бајден рече дека Вашингтон во процесот на решавање на израелско-палестинскиот конфликт има обврска да го принуди Израел на мирно решавање на кризата.
„Патот по кој во моментот оди Израел, не изгледа како пат кој би можел да донесе гаранција за опстанок на Евреите и нивната демократска држава”, изјави Бајден.
Постетувајќи дека минатиот месец бил во посета на Блискиот Исток и разговарал со палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Нетанјаху, Бајден изјави дека од тоа патување не се вратил со голем оптимизам кога станува збор за мирно надминување на тамошните проблеми.
„Моментално ни од страна на Израелците, ни од страна на Палестинците немам забележано политичка волја за покренување на сериозни преговори”, заклучи Бајден.
За разлика од Бајден, американскиот државен секретар Кери во своето обраќање со голем оптимизам зборуваше за решавање на изралеско-палестинскиот конфликт.
„Израелците и Палестинците ќе можат едни покрај други да живеат во мир. Единствено можно решение е воспоставување на две независни држави, ние и понатаму ќе бидеме истрајни на тој принцип”, изјави Кери.