Beyza Binnur Dönmez
06 Јануари 2023•Ажурирано: 11 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Германската компанија „БајоНТех“ (BioNTech), компанија позната по својата вакцина против Ковид-19, денеска објави дека потпишала меморандум за воспоставување стратешко партнерство со Велика Британија за терапии за рак со технологијата мРНА (mRNA), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Партнерството има за цел да обезбеди персонализирани терапии за рак со технологијата мРНА за до 10.000 пациенти до крајот на 2030 година, во клинички испитувања или како овластени третмани“, се вели во соопштението на „БајоНТех“.
„Велика Британија успешно испорача вакцини за Ковид-19 толку брзо затоа што Националната здравствена служба, академската заедница, регулаторот и приватниот сектор работеа заедно на примерен начин. Овој договор е резултат на лекциите научени од пандемијата на Ковид-19, така што сите ние искусивме дека развојот на лекови може да се забрзува без престан, ако сите работат беспрекорно заедно кон иста цел. Денешниот договор покажува дека ние сме посветени да го сториме истото за пациентите со рак“, рече проф. Угур Шахин, главен извршен директор и коосновач на „БајоНТех“.
Истакнувајќи дека соработката ќе опфати различни видови рак и заразни болести, Шахин рече: „Доколку е успешна, оваа соработка има потенцијал да ги подобри резултатите за пациентите и да обезбеди ран пристап до нашиот пакет имунотерапии за рак, како и до иновативни вакцини против заразни болести – во Велика Британија и во светот.“
Според соопштението, компанијата планира да инвестира во центар за истражување и развој во „Кембриџ“, Велика Британија, со очекуван капацитет од повеќе од 70 висококвалификувани научници.
Од своја страна, Министерството за здравство и социјална заштита на Велика Британија соопшти: „Договорот значи дека пациентите со рак ќе добијат ран пристап до испитувања кои истражуваат персонализирани терапии со технологијата мРНА, како што се вакцините за рак.“
Одделот додаде дека пациентите кои ги исполнуваат условите би можеле да влезат во клинички испитувања оваа есен.
Нема два исти вида рак и вакцините мРНА ќе содржат генетска мапа за стимулирање на имунолошкиот систем да ги напаѓа клетките на ракот.
„Ова ново партнерство ќе го отклучи потенцијалот за развој на револуционерни третмани во Велика Британија во корист на пациентите во Националната здравствена служба“, изјави директорот на Државната клиника за канцер, проф. Питер Џонсон, додавајќи: „Технологијата мРНА има потенцијал да биде трансформативен пристап во голем број болести и се надеваме дека со тоа што ќе откриеме како да ги вакцинираме луѓето против ракот што го имаат, можеме дополнително да ги подобриме нивните шанси да се спасат од него.“
Кон крајот на декември, „БајоНТех“ објави дека започнала клинички испитувања за вакцина базирана на мРНА која може да помогне да се спречи маларијата и да се намали смртта поврзана со неа.